Правда

Скандал ја тресе авио-индустријата: Пилот летал 17 години без дозвола и превезувал илјадници патници

Поранешен пилот речиси 17 години управувал со комерцијални авиони без потребната лиценца, извршувајќи повеќе од 900 домашни и меѓународни летови, соопшти полицијата на канадската провинција Онтарио.

„Сложената истрага за измама и фалсификување откри дека пилот на комерцијална авиокомпанија, кој летал за Air Canada во текот на својата кариера од 1998 до 2025 година, фалсификувал лиценца која му била неопходна кога во 2009 година бил унапреден во капетан“, се наведува во соопштението на полицијата, пренесува NBC News.

Истрагата, наречена „Проект Икар“, укажува на намерен обид за заобиколување на системите наменети за заштита на јавната безбедност.

„Кога ќе се случи вакво нешто, неопходно е да има одговорност“, изјави Нандо Јаника, претседател на Управниот одбор на регионалната полиција на Пил.

Според надлежните, осомничениот управувал со патнички авиони од типовите Boeing 767, Boeing 777 и Boeing 787 на повеќе од 900 домашни и меѓународни летови, превезувајќи десетици илјади патници без соодветна лиценца.

„Нашата истрага нè доведе до заклучок дека сето ова било извршувано без соодветната лиценца која е задолжителна за пилотирање на комерцијални летови. Наместо тоа, веруваме дека осомничениот лажно ги претставувал своите квалификации и пред работодавачот и пред регулаторните органи“, изјави заменик-началникот на полицијата Ник Милинович.

Случајот предизвика сериозни реакции во јавноста и повторно ги отвори прашањата за контролата и проверката на квалификациите во цивилното воздухопловство.

Извор: Blic.rs