СветСветот на работникот

Србин добил виза за Германија, но се прашува дали задоцнил: „10 до 15 години“

Србин кој неодамна добил виза за Германија се најде во дилема дали воопшто го направил вистинскиот чекор. Наместо да се радува на заминувањето, тој се прашува дали Германија денес сè уште е „ветената земја“ за оние кои бараат подобар живот.

„Денес добивам виза за Германија и искрено немам некоја посебна среќа како што мислев дека ќе имам“, напишал тој во својата исповед на Reddit.

Како што објаснува, има чувство дека со одлуката за заминување задоцнил „10 до 15 години“ – односно дека требало да замине во периодот кога голем број Срби ја напуштаа земјата и кога, според информациите што тогаш ги добивал, условите во странство биле значително подобри.

„Германија е во хаос“

Во својата објава тој наведува дека секојдневно слуша лоши вести за Германија, што дополнително ја зголемило неговата несигурност.

„Германија е во хаос, АфД полека ја окупира Германија, луѓето се враќаат, постојано некои лоши вести и повеќе не знам што да мислам. А, од друга страна, гледам кај нас и овде е исто – мали плати, немаш некоја перспектива. Не знам дали ова навистина е состојбата во Германија или медиумите толку нè бомбардираат со вести што така изгледа“, напишал тој.

На крајот поставил директно прашање: дали навистина задоцнил или само непотребно се плаши од заминувањето.

Неговата објава за кратко време предизвикала бројни реакции. Повеќето корисници му советувале да не се откажува од планот, иако признаваат дека Германија денес не е истата земја како пред една деценија.

„Не е само Германија во проблем“

Еден од корисниците посочил дека економската ситуација во Германија навистина е посложена отколку порано, но дека проблемите не се ограничени само на оваа земја.

„Точно е дека Германија денес е во многу полоша состојба отколку пред 5, 10 или 15 години. Но, Германија не е единствената што има проблеми. И останатите земји, повеќе или помалку, се во истата ситуација. Глобалната макроекономска ситуација генерално е ужасна“, напишал тој.

Друг корисник го споделил искуството на својот брачен партнер, со кој пред неколку години заминале во Германија.

Според нив, не се враќаат сите оние кои не успеале во странство, туку најчесто луѓето кои не сакале или не можеле да напредуваат.

„Мажот и јас заминавме кога имавме 20 и 22 години, а сега на 27 и 29 години купивме куќа и исплативме два автомобили“, напишала жената.

Таа додава дека на почетокот живееле скромно и внимавале на трошоците, но со текот на времето, како што напредувале на работа, нивната финансиска состојба се подобрувала.

„Нема да се збогатиш“

Во коментарите, сепак, му порачале да има реални очекувања. Заминувањето во Германија, според нив, не значи дека автоматски ќе се збогати, туку дека може да создаде услови за поголема заработка и заштеда.

„Не знам со што се занимаваш, но ако, на пример, овде можеш да тргнеш настрана 300 евра месечно, таму ќе можеш да заштедиш 900. За 10 години ќе собереш пари колку што овде би ти требале 30 години“, напишал еден од корисниците.

Според него, по десетина години човек може да се врати во Србија со значителна заштеда, да купи стан и да продолжи да живее таму. Другата опција е да остане во Германија, каде што би можел да обезбеди подобра пензија и перспективи за своите деца.

„Америка и Швајцарија се малку подобри – таму за 10 години се заштедува колку кај нас за 40. Но, таму е потешко да се влезе и да се остане“, се наведува во коментарот.

Сепак, решил да замине

По бројните реакции, авторот на објавата повторно се вклучил во дискусијата.

Како што навел, искуствата и советите од сонародниците му помогнале да ги надмине сомнежите. Иако е свесен дека Германија повеќе не ги нуди истите услови како пред 10 или 15 години, сепак решил да ја искористи можноста.

Наместо да се откаже поради стравот дека „задоцнил“, тој сепак ќе ја проба својата среќа од другата страна на границата.

Извор: Telegraf Biznis