МакедонијаСиндикат

Стојко Рамов е избран за претседател на СОНК: Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници!

Стојко Рамов е избран за нов претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК), на денешниот VIII редовен конгрес на синдикатот.

Како приоритети во претстојниот период, Рамов ги најави потпишувањето колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, со цел подобрување на економско-социјалниот статус на вработените.

– Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници и нивно поставување на местото што го заслужуваат во ова општество. Во претстојниот период треба да се потпише колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, така што нѐ чека многу работа. Се надевам дека ќе наидеме на разбирање од социјалните партнери, со што ќе успееме да го подобриме економско-социјалниот статус на просветните работници во цела Македонија – истакна Рамов.

Во однос на временската рамка за реализација на овие очекувања, тој посочи дека постигнувањето договор зависи од двете страни во преговорите.

– Тоа се преговори и не зависи сè само од СОНК, туку и од другата страна. Затоа, треба да изнајдеме заемно прифатливо решение со цел постигнување договор – рече Рамов.

Досегашниот претседател на СОНК, Јаким Неделков, на Конгресот посочи дека покрај сумирањето на резултатите од изминатиот петгодишен период, се очекуваат и промени во раководството. На Конгресот, додаде, присуствуваат околу 270 делегати од целата држава.