ЕкономијаСвет

Судот го одобри преземањето на „Ворнер брос дискавери“ од страна на „Парамаунт“

Судот на Калифорнија ја одобри спогодбата меѓу „Парамаунт скајденс (Paramount Skydance)“ и американската сојузна држава Калифорнија (како и други држави), со што се отстранува последната пречка за финализирање на преземањето на „Ворнер брос дискавери (Warner Bros. Discovery)“.

Вредноста на договорот изнесува 110 милијарди долари. Спојувањето ќе ги обедини „Си-би-ес њуз (CBS News)“, „Си-ен-ен (CNN)“, „Ејч-би-о (HBO Max)“ и „Парамаунт плус (Paramount+)“, како и филмските студија „Ворнер брос“ и „Парамаунт пикчрс (Paramount Pictures)“. Компаниите соопштија дека очекуваат трансакцијата да биде завршена на 6 октомври. Дејвид Елисон – извршен директор и мнозински акционер на „Парамаунт скајденс“, објави дека Инон Крајз – извршниот директор на „Мател (Mattel)“, ќе стане со-извршен директор на споената компанија. Крајз ќе ѝ се приклучи на компанијата на 5 октомври.

Договорот претходно беше одобрен од Министерството за правда на САД, Европската комисија и десетици други земји, но неговата реализација беше одложена поради тужба поведена од јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта.

Обвинителите, имено, изразија загриженост дека спојувањето ќе ја намали конкуренцијата и ќе ја загрози уредувачката независност на „Си-ен-ен“. Според спогодбата постигната на 21 септември, споената компанија мора да издава најмалку 30 филмови годишно и да формира уредувачки одбор којшто ќе врши надзор над „Си-ен-ен“ и „Си-би-ес њуз“. Компанијата ,исто така, се обврза да вложи повеќе од милијарда долари во филмска продукција во САД и во обука на работната сила.

По објавувањето на одлуката, акциите на „Парамаунт скајденс“ и „Ворнер брос дискавери“ го завршија тргувањето близу нивните највисоки дневни вредности. Акциите на „Парамаунт“ имаат пад од над 20 отсто од почетокот на годината.