ЕкономијаМакедонија

УЈП ќе ги гледа трансакциите во реално време: Е-фактурата носи голема промена за бизнисите

Управата за јавни приходи е во напредна фаза од подготовките за воведување на системот за е-фактура, кој треба значително да го промени начинот на кој даночната администрација ги следи и обработува трансакциите.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, најави дека задолжителната примена на системот треба фазно да започне во текот на 2027 година. До крајот на годинава се очекува да биде донесен потребниот закон, да заврши поставувањето на софтверската и хардверската инфраструктура и да започне доброволното користење на е-фактурата.

Петрова зборуваше за промените на панел-дискусијата „Даночни приходи, даночен јаз и борба против неформалната економија: посилни јавни финансии и подобра усогласеност со ЕУ“, одржана во рамките на „Охрид 2026“.

Податоците ќе стигнуваат веднаш

Една од најзначајните новини е што УЈП повеќе нема да се потпира само на збирни податоци од даночните пријави. Со е-фактурата администрацијата ќе добива структурирани информации за секоја поединечна фактура и трансакција – кој е продавачот, кој е купувачот, кои производи или услуги се наведени и кои други даночни показатели се релевантни.

Уште поважно, овие информации ќе бидат достапни во реално време, односно веднаш по издавањето на фактурата. Сега дел од податоците до УЈП стигнуваат дури по завршувањето на месецот, кварталот или друг даночен период.

Ова ќе овозможи и поинаков пристап кон даночните контроли. Дел од проверките би можеле автоматски да се вградуваат во процесот, со што би се намалил ризикот од намерни, но и ненамерни грешки и доставување неточни податоци.

УЈП ќе ги вкрстува информациите од повеќе извори

Нов систем ќе овозможи податоците од е-фактурите да се споредуваат со информациите што УЈП веќе ги добива од банките, Царината, фискалните уреди и други извори.

На тој начин даночната администрација ќе може полесно да препознава невообичаени обрасци, поврзаности меѓу компании и трансакции што отстапуваат од вообичаеното работење. Тоа би требало да овозможи подобра проценка на ризикот и поефикасно насочување на даночните контроли.

Петрова нагласи дека дигитализацијата сама по себе нема целосно да ги запре обидите за даночно затајување. Сепак, според неа, таа значително ќе го намали просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни откривањето на неправилностите.Крајната цел е УЈП постепено да се трансформира во даночна администрација која при контролата и носењето одлуки ќе се потпира сè повеќе на податоци и анализа на ризик.