ЕкономијаМакедонија

Поврат на ДДВ за јули, август и септември: До 2.100 денари по лице

Граѓаните кои во периодот од јули до септември скенирале фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ наскоро треба да го добијат повратот на дел од платениот данок на додадена вредност. Исплатата за третото тримесечје од 2026 година треба да се реализира најдоцна до 30 ноември, иако од Управата за јавни приходи засега нема официјална информација кога точно ќе започне.

Максималниот износ што може да го добие едно лице за овој период е 2.100 денари, а конечната сума зависи од бројот и вредноста на скенираните и прифатени сметки, како и од пресметаниот ДДВ. Според правилата, за купени македонски производи и услуги се враќаат 20 проценти од ДДВ, додека за останатите производи и услуги повратот изнесува 10 проценти. Тоа значи дека едно четиричлено семејство може заедно да добие и до 8.400 денари за едно тримесечје.

Од УЈП ги потсетуваат корисниците пред исплатата да проверат дали во апликацијата имаат внесено точни и ажурирани податоци за трансакциската сметка, особено ако во меѓувреме смениле банка или затвориле стара сметка. Неточните податоци може да предизвикаат доцнење на исплатата. Мерката „МојДДВ“ продолжува и во 2026 година, а според претходните податоци, во текот на 2025 година на граѓаните им биле вратени повеќе од 3,47 милијарди денари, односно околу 56,4 милиони евра.