ЕкономијаСвет

УниКредит постигна договор со германската влада за преземање на Комерцбанк

Италијанската банкарска групација УниКредит постигнала договор со германската влада за иднината на германската Комерцбанк, објави банката.

Според договорот, УниКредит се обврзува да го зачува работењето на Комерцбанк со малите и средните претпријатија, како и нејзините меѓународни капацитети. Предвидено е и натамошно развивање на деловните активности во овој сегмент, пренесува „Блумберг“.

Дополнително, седиштето на Комерцбанк трајно ќе остане во Франкфурт, а банката и во иднина ќе биде котирана на Франкфуртската берза.

Германската влада, според информациите на „Ројтерс“, кои ги потврдила и Комерцбанк, се откажала од барањето да именува двајца членови во Надзорниот одбор на банката.

УниКредит неодамна доби одобрение од Европската Унија за преземање на Комерцбанк, чија пазарна вредност се проценува на околу 41 милијарда евра.

Извршниот директор на УниКредит, Андреа Орчел, очекува сите регулаторни одобренија да бидат добиени до крајот на ноември. Тоа би ѝ овозможило на италијанската групација да преземе контрола врз германската банка и да започне со спроведување на својата стратегија.

Планот за Комерцбанк, претставен во април, предвидува зголемување на ефикасноста, укинување на до 7.000 работни места и намалување на меѓународната деловна мрежа, со поголем фокус на германскиот и полскиот пазар.

Орчел, исто така, најави можност за промени во највисокото раководство на банката, поради што неизвесна е и иднината на актуелната извршна директорка на Комерцбанк, Бетина Орлоп.