Светот на работникот

Додека користиме ChatGPT, некој работи во позадина: Кои се луѓето што ја обучуваат вештачката интелигенција?

Милиони луѓе секојдневно користат ChatGPT и други алатки базирани на вештачка интелигенција, но малкумина знаат дека зад нивниот развој стојат работници кои ги обучуваат системите, ги проверуваат одговорите, означуваат податоци и извршуваат задачи за кои сè повеќе се бараат соработници. Дел од овие работни ангажмани може да се извршуваат од дома, а за некои не е потребно ниту програмерско искуство.

Вештачката интелигенција денес може да напише текст, да препознае фотографија, да преведе реченица, да одговори на прашање или да разговара со корисник. Тоа создава впечаток дека технологијата самостојно учи и се развива.

Сепак, зад многу од системите што секојдневно обработуваат огромни количества податоци стои човечки труд кој најчесто останува невидлив.

Станува збор за луѓе кои ја обучуваат вештачката интелигенција. Нивната работа не подразбира задолжително програмирање или развој на сложени алгоритми. Често се работи за задачи што бараат внимание, познавање јазици, разбирање на контекстот и способност да се процени дали одговорот на машината е точен.

Додека корисникот го гледа само конечниот одговор на екранот, некој претходно можеби означил илјадници фотографии, проверил стотици реченици или споредил различни одговори генерирани од вештачката интелигенција.

Како изгледа работата на луѓето што ја обучуваат вештачката интелигенција?

Една од најважните активности во развојот на вештачката интелигенција е означувањето и проценувањето податоци, познато како data annotation и data labeling.

На пример, работник добива фотографија на која се наоѓаат автомобил, пешак и сообраќаен знак. Неговата задача е да ги означи објектите за системот да научи правилно да ги препознава.

Во други случаи, потребно е да означи делови од текст, да препознае емоција во одредена реченица или да процени дали некој одговор е точен.

Постојат и работни ангажмани што подразбираат проверка на одговорите на чет-ботовите. Работникот добива прашање и неколку одговори генерирани од вештачката интелигенција, а потоа проценува кој од нив е најпрецизен, најразбирлив и најкорисен.

Меѓу задачите што ги извршуваат овие работници се:

  • Проверка на граматичката и јазичната исправност;
  • Оценување на одговорите генерирани од вештачката интелигенција;
  • Означување фотографии и видеоснимки;
  • Транскрипција и проверка на аудиозаписи;
  • Препознавање неточни или проблематични информации;
  • Проверка дали системите разбираат локален јазик, култура и начин на изразување.

Меѓународната организација на трудот (МОТ) во своето истражување за невидливиот труд во индустријата за вештачка интелигенција објаснува дека ваквите задачи често им се доделуваат на работници преку дигитални платформи и компании што нудат услуги за обработка на податоци.

Сложените работни процеси неретко се делат на голем број помали задачи, кои се плаќаат поединечно.

Со други зборови, дел од технологијата што изгледа целосно автоматизирана и понатаму зависи од човечката процена.

Кои се луѓето што стојат зад вештачката интелигенција?

Интересно е тоа што оваа работа не ја извршуваат исклучиво програмери и ИТ-специјалисти.

Меѓу луѓето што можат да работат на вакви проекти се преведувачи, наставници, студенти, лингвисти, експерти од различни области, но и лица со добро познавање на јазици и развиени аналитички способности.

За одредени задачи доволно е одлично познавање на јазикот и внимателно следење на инструкциите. За други се потребни специјализирано образование, работно искуство или познавање на конкретна област.

Особено значајни се луѓето што познаваат помалку застапени јазици. Вештачката интелигенција мора да ги разбира локалните изрази, дијалектите, културните разлики и контекстот што не може секогаш едноставно да се преведе од англиски јазик.

Токму затоа и македонскиот јазик може да има значење во проектите за развој и подобрување на системите со вештачка интелигенција.

Може ли да се заработува од обучување вештачка интелигенција?

Ваквите работни ангажмани не се резервирани само за жителите на најголемите технолошки центри.

Одредени меѓународни компании ангажираат соработници од различни земји, вклучително и од регионот.

На пазарот се појавуваат проекти за кои се бараат лица што познаваат одреден јазик и можат да работат на проверка на текстови, означување податоци, оценување одговори или собирање говорни записи.

Еден пример е компанијата iMerit, која во текот на 2026 година објавила проект за експерти за српски јазик од Србија и Хрватска.

Задачите вклучуваат означување лични податоци во текстови и аудиозаписи, како и препознавање и означување објекти на фотографии. Во условите за ангажман се наведени познавање на српскиот и англискиот јазик, компјутер и стабилна интернет-конекција.

Друг пример е Welo Data, која собира соработници за идни проекти поврзани со означување податоци, проценување одговори и креирање прашања за системи со вештачка интелигенција.

Сепак, пријавувањето во мрежата на соработници не значи дека кандидатот автоматски добива работа или гарантиран број работни часови.

Постојат и проекти на компании што ангажираат луѓе за проверка и коригирање содржини на српски јазик.

Ова покажува дека можностите за работа во развојот на вештачката интелигенција се прошируваат и надвор од традиционалните технолошки центри. Сепак, тоа не значи дека станува збор за стабилна работа достапна за секого.

Колку се плаќа за обучување вештачка интелигенција?

Заработката зависи од видот на задачата, нејзината сложеност, искуството на работникот, јазикот и компанијата што го ангажира.

Некои работни ангажмани се плаќаат по час, додека други се пресметуваат според завршена задача, проект или количина обработени податоци.

Поради тоа, не постои единствен износ што важи за сите луѓе ангажирани во обучувањето на вештачката интелигенција.

Меѓународната организација на трудот во анализа објавена во декември 2024 година навела дека медијалната заработка на работниците на ваквите платформи во земјите во развој изнесувала околу два американски долари на час.

Овој податок се однесува на истражувана група работници и не претставува актуелна тарифа за Србија, Македонија или заработка на сите работници ангажирани во означување податоци за вештачка интелигенција.

Важно е да се направи разлика и меѓу понудената часовна стапка и реалниот приход. Дури и кога некој проект е добро платен, работникот не мора да има гарантиран број работни часови или постојан прилив на задачи.

Другата страна на работата: Нема секогаш сигурност, а некои задачи можат да бидат вознемирувачки

Работата на обучувач на вештачка интелигенција може да изгледа како идеална можност за заработка од дома. Сепак, зад флексибилноста се кријат и проблеми за кои многу помалку се зборува.

Меѓународната организација на трудот предупредува дека работниците на одредени проекти можат да бидат изложени на насилни, вознемирувачки и други непријатни содржини.

Нивната работа може да вклучува прегледување материјали што системот со вештачка интелигенција треба да ги препознае како неприфатливи или штетни.

Тоа не е безопасна задача. Долготрајната изложеност на такви содржини може негативно да влијае врз менталното здравје на работниците.

Друг проблем е неизвесноста на заработката. Проектите можат да бидат краткотрајни, обемот на задачите може да се менува, а работниците често немаат статус на класично вработени лица.

Во анализа на платформската работа од септември 2026 година, Одделот за економски и социјални прашања на Обединетите нации предупредува дека дигиталните платформи можат да користат автоматизирани системи за распределба на задачите, оценување на работниот учинок и одредување на пристапот до идни ангажмани.

Таквите системи можат дополнително да ја отежнат положбата на работниците кога не се доволно транспарентни.

Може ли вештачката интелигенција навистина да учи без луѓе?

Едно од најважните прашања во развојот на оваа технологија е колку човечкиот труд и понатаму е неопходен.

Вештачката интелигенција може да обработува огромни количества информации и да препознава обрасци, но проценувањето на контекстот, разбирањето на двосмисленоста и препознавањето културни нијанси и понатаму претставуваат предизвик.

Луѓето што ги проверуваат одговорите, ги означуваат податоците и укажуваат на грешките помагаат системите да станат попрецизни и покорисни.

Тоа не значи дека секој одговор на вештачката интелигенција директно го проверува човек или дека секој модел се обучува на идентичен начин. Процесот зависи од технологијата, компанијата и конкретниот проект.

Сепак, зад автоматизацијата често постои цел синџир човечки труд што корисникот никогаш не го гледа.

Невидливите работници на иднината

Додека ширум светот се дискутира за тоа колку вештачката интелигенција ќе го промени пазарот на трудот, многу помалку внимание им се посветува на луѓето што веќе денес учествуваат во нејзиниот развој.

Нивната работа може да се извршува од стан, мала канцеларија или од друг дел на светот. Тие можат да работат за компанија чие име никогаш нема да им биде познато на крајните корисници, а нивниот придонес може да стане дел од технологија што ја користат милиони луѓе.

Можеби токму тука се крие најголемиот парадокс на современата вештачка интелигенција: технологија што се претставува како симбол на автоматизацијата и намалувањето на човечкиот труд и понатаму во голема мера зависи од луѓето чиј придонес не се гледа на екранот.

Додека разговараме со вештачката интелигенција, некој можеби претходно морал да ја научи како да нè разбере.

Извор: Bizportal.rs