Внимавајте што зборувате на работа: ОСУМ теми кои би требало да ги избегнувате
Канцелариските разговори често започнуваат безопасно, со прашања за тоа како ви поминал викендот, кои ви се плановите за одмор или коментирање со кафе. Меѓутоа, некои теми лесно можат да ги преминат границите помеѓу пријателскиот разговор и непријатното мешавање во приватноста. Експертите за деловен бонтон издвоиле осум работи кои е подобро да се задржат за себе.
Добар однос со колегите не значи дека мораат да знаат баш се’ за вашиот живот. Напротив, одредената доза на приватност може да помогне професионалните односи да останат здрави и без непотребни тензии.
1. Како колегите ги трошат парите и времето
„Како можеш да си го дозволиш тоа?“ Или „Повторно одиш на одмор?“ можеби звучат како безопасни коментари, но можат да делуваат осудувачки или завидно.
Начинот на кој колегата ја троши платата, го поминува слободното време или го користи годишниот одмор е негова работа. Дури и кога прашањето го поставувате од љубопитност, другата личност може да го доживее како преиспитување на своите финансиски одлуки.
2. Што некој јаде
Колешката носи салата, некој друг јаде бурек, третиот го пресокнува ручекот и одеднаш се отвора простор за коментари.
„Само тоа јадеш?“ Или „Зарем тоа ќе го јадеш?“ можат да звучат како обични фрази, но коментирањето на туѓиот избор на храна лесно станува непријатно или дури засрамувачко.
Ако некој сам не ве праша за мислење, најдобро е неговиот ручек да остане негов ручек.
3. Да барате друга работа
Можеби веќе сте започнале да испраќате CV-ја, имате разговори за работа или сериозно размислувате да заминете од фирмата. Сепак, експертите за деловен бонтон советуваат таквите информации да не ги споделувате со колегите додека одлуката не стане официјална.
Дури и ако имате доверба во лицето на кое сте му кажале, информацијата лесно може да стигне до менаџментот. Тоа може да ја наруши довербата или да влијае на вашата моментална положба.
4. Колку сте постојано под стрес
Секако дека е сосема нормално да речете дека имате напорен ден. Проблемот настанува кога речиси секој разговор ќе се претвори во натпревар во тоа кој е позафатен, позаморен или под поголем притисок.
Констатното истакнување на тоа колку сте преоптоварени може кај колегата да создаде чувство на вина или нездрава конкуренција. Може дури да испрати порака дека оние кои поставуваат граници и водат сметка за рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот се помалку посветени на работата.
5. Колкава ви е платата
Прашањето „Колку заработуваш?“ е едно од оние кои во канцелариите често се појавува, но не морате да дадете одговор.
Експертите за бонтон предупредуваат дека разговорите за платите можат да доведат до завист, тензии или нарушени односи меѓу колегите.
Сепак, ова не значи дека дискусијата за платите не е примерна. Разговорот за еднаквоста на платите и транспарентноста може да биде важен во професионален контекст. Проблемот настанува кога личните износи ќе се претворат во предмет на канцелариско озборување или споредување.
6. Детали од „луда“ вечер
Можеби сте имале незаборавен викенд, но на колегите навистина не морате да им го раскажете секој детал.
Фалењето со опивање, мамуралк или однесување кое може да делува непрофесионално може да влијае на начинот на кој другите ве доживуваат. Колегите, а особено надредените, можат да започнат да ја преиспитуваат вашата проценка на ситуацијата или доверливоста.
Приказната за тоа дека сте биле на концерт или сте излегле со друштво е е сосема друга работа – границата во главно е во количината на детали.
7. Детали од љубовниот живот
Колегите не мораат да знаат кој ви се допаѓа, поради што сте се скарале со партнерот или како поминало вашето последно раскинување.
Таквите теми можат брзо да ја замаглат границата помеѓу професионалното и приватното, особено кога со некој секојдневно работите.
Ако сакате да бидете отворени со колегите, тоа не значи дека морате да им ги откриете сите детали од вашиот приватен живот.
8. Детални здравствени проблеми
Кога морате да отсуствувате од работа поради здравствени причини, доволно е да му го соопштите тоа на лицето на кое му е потребна информацијата. Не морате да ја објаснувате дијагнозата, симптомите или деталите од прегледот.
Експертите за бонтон токму поради тоа советуваат ваквите информации да се држат во границите на неопходното. Краткото објаснување дека сте отсутни од здравствени причини е сосема доволно.
Не морате да споделувате се’ со колегите
Добра атмосфера на работа не настанува така што сите знаат се’ едни за други. Понекогаш токму способноста да препознаете што е примерно да се сподели, а што да се задржи за себе е знак на професионалност.
Канцелариското муабетење може да биде одличен начин за поврзување со колегите, но не мора секој разговор да стане увид во нечии финансии, здравје, љубовен живот или планови за иднината.
Извор: BIZLife.rs

