Објавена листата на најдобрите пензиски системи за 2025 година: Во овие три европски земји пензионерите имаат највисок животен стандард
Холандија, Исланд и Данска повторно се најдоа на врвот на светската листа на најдобри пензиски системи, според Global Pension Index 2025 на Mercer CFA Institute. Како и во 2024 година, овие земји се издвојуваат по стабилноста, одржливоста и високото ниво на заштита на пензионерите.
Ова е 17-то издание на индексот, кој годинава анализираше 52 пензиски системи ширум светот, вклучувајќи и четири нови земји – Кувајт, Намибија, Оман и Панама. Истражувањето опфаќа околу 65 проценти од светската популација.
Подобрување на глобалните пензиски системи
Генералната оценка за 2025 година покажува значително подобрување на глобалното пензиско покривање. Осум земји го подобриле својот рејтинг во однос на минатата година, а ниту една не бележи пад. Највисоката оценка А ја добија пет земји со индексен резултат над 80 поени.
Кои земји добија оценка А?
Според индексот, пензиските системи со оценка А обезбедуваат добри бенефиции, висока одржливост и силен институционален интегритет.
Холандија и понатаму го има најдобриот пензиски систем во светот, по што следуваат Исланд, Данска, Израел и Сингапур, кој за првпат влезе во групата со оценка А и е единствена земја од Азија на ова ниво (покрај Израел).
Индексот ги оценува земјите според три клучни критериуми:
- Адекватност – државна поддршка, висина на пензиите и можности за раст
- Одржливост – демографија, економски раст, јавен долг и државни трошоци
- Интегритет – транспарентност, управување и оперативни трошоци
Холандија оствари највисок вкупен резултат од 85,4 поени, Исланд се истакна по одржливост, додека Финска (9-то место, Б+) имаше најдобар резултат во категоријата интегритет. Кувајт, пак, се издвојуваше по адекватноста на пензиите.
Како функционира холандскиот модел?
Тајната на успехот на Холандија лежи во тристолбниот пензиски систем:
- Државна пензија (AOW) – основна пензија за сите жители
- Колективни пензиски фондови – преку работодавачите и индустриските гранки
- Индивидуална приватна пензија
Вкупната пензија се формира како комбинација од сите три извори.
Секое лице кое живее или работи во Холандија меѓу 15 и 65 години автоматски е осигурено и стекнува право на 2% од полната државна пензија за секоја година престој.
Од 1 јули оваа година, полна државна AOW пензија изнесува:
- 1.612,44 евра бруто (1.238,96 евра нето) за самци
- 1.103,97 евра бруто (848,41 евра нето) за брачни парови или лица што живеат со друг возрасен
Дополнително, пензионерите добиваат и надомест за годишен одмор, кој се исплаќа еднаш годишно во мај.
Иако Холандија има една од највисоките старосни граници за пензионирање – моментално 67 години, со тенденција на понатамошно зголемување – земјата успева да одржи исклучително ниска стапка на сиромаштија кај старите лица и минимална разлика во приходите пред и по пензионирањето.
Заклучок
Според експертите, Холандија успешно се справува со демографските, економските и финансиските предизвици што ги загрозуваат многу пензиски системи во светот. И покрај реформите што се во тек, системот и понатаму нуди сигурни и стабилни пензии, поддржани од силна регулатива и значајна финансиска основа.
Извор: EUpravo zato / Kurir

