СветСветот на работникот

Воведуваат четиридневна работна недела: 32 часа работа, платата останува иста

Идејата за четиридневна работна недела повторно е во центарот на вниманието во Соединетите Американски Држави. Конгресменот Марк Такано и сенаторот Берни Сандерс претставиле нов предлог закон со кој стандардната работна недела постепено би се скратила од 40 на 32 часа, додека вработените би ги задржале платите и бенефициите кои моментално ги имаат за полното работно време.

Предлог законот под називот „Закон за 32-часовна работна недела“ предвидува работното време да се намали без намалување на примањата на вработените. Такано образложил дека начинот на работа во текот на претходните децении значајно се променил, особено благодарение на развојот на технологијата.

„Трудот суштински се промени“, рекол Такано, наведувајќи ги мобилните телефони, интернетот и вештачката интелигенција како технологии кои ја зголемиле продуктивноста на вработените.

„Време е и работниот стандард да го следи чекорот“, додал.

Такано и Сандерс сличен предлог закон претставуваат од 2021 година, надевајќи се дека овој пат би можел да добие доволна поддршка за усвојување.

Прекувремената работа би била поскапа

Според актуелниот предлог, работодавачите не би морале нужно веднаш да го скратат работното време на 32 часа неделно. За секое работење подолго од 32 часа, вработените би имале право на надомест во висина од една и пол редовна саатнина.

На работодавачите, исто така, би им било овозможено намалувањето на работното време да го спроведуваат постепено, во текот на период од четири години. Предлогот истовремено предвидува и заштита на платите и бенефициите, за работодавачите да не го користат намалувањето на работните часови како основа за намалување на платите.

Сандерс смета дека работниците би требало директно да имаат корист од технолошкиот напредок, особено во момент кога вештачката интелигенција и роботиката го менуваат пазарот на труд.

„Во момнетот кога вештачката интелигенција и роботиката радикално ќе ја трансформираат нашата економија, неопходно е финасиската корист од новите технологии да им припадне на работничките семејства, а не само на неколкумина милијардери и директори на големи компании“, порачал Сандерс.

Според него, еден од начините да се постигне тоа е четиридневна работна недела без намалување на платите и бенефициите.

Критичарите предупредуваат на можни последици

Предлогот, меѓутоа, има и критичари кои предупредуваат дека пократката работна недела нема нужно да одговара на сите занимања и сектори на економијата.

Противниците наведуваат дека работодавачите би можеле да го забават вработувањето, да ги зголемат цените на производите и услугите или од вработените да бараат истиот обем на работа да го завршат за пократко време.

„Еден од ризиците е пет дена работа да ги претвориме во четири дена стрес“, рекол Џеј Алдеберт од организацијата International Services.

Ако примената на четридневната работна недела би довела до повисоки цени, помал број на вработени, пократко работно време или поголемо оптоварување на постојаните работници, трошокот, како што предупредил, не би изгубил, туку би бил префрлен на друга страна.

Експериментите покажале охрабрувачки резултати

Кратката работна недела веќе се тестира во различни делови од светот, а организацијата „4 Day Week Global“  со години заговара преминување на четиридневна работна недела.

Еден од експериментите е спроведен во 2022 година, кога 33 компании од САД, Ирска и Австралија, со вкупно 1.000 вработени, во текот на шест месеци ја тестирале работната недела од четири дена и 32 часа.

Моделот бил базиран на принципот вработените да работат 80 % од вообичаеното работно време, но да примаат 100 % плата, со очекување да го задржат полниот обем на учинок.

Резултатите покажале дека моделот бил прифатлив и за работодавачите. Осуманесет компании изјавиле дека дефинитвно планираат да продолжат со четиридневната работна недела, додека седум сакале да продолжат, но тогаш се’ уште немале донесено конечна одлука.

Една компанија била „ склона кон продолжување, додека друга не се’ уште не била сигурна. Ниедна од компаниите кои учествувале во експериментот не навеле дека сака да се врати на класичната петдневна работна недела.

Предлог законот во САД така повторно го отвора прашањето кое се’ почесто се поставува ширум светот: дали, со современата технологија и поголемата продуктивност, можно е да се работи помалку, а да се задржи истото ниво на примања и учинок.

Извор: Telegraf Biznis