Вработените во Ауди протестираа – стравуваат за своите работни места
Илјадници работници во Ауди протестирале вчера против можното затворање на фабриката на германскиот произведувач на автомобили во Некарсулм, додека матичната компанија Фолксваген ја продолжува реорганизацијата на групацијата, за која се очекува дека ќе вклучи десетици илјади откази.
Протестот бил одржан откако конкурентскиот премиум произведувач на автомобили БМВ најавил илјадници отпуштања, што претставува нов удар на вработеноста во германската автомобилска индустрија, каде високите трошоци, се’ посилната кинеска конкуренција и американските царини ги принудуваат компаниите на болни мерки за реструктурирање.
„Се плашите од затворање на фабриката и загрозување на нашата иднина“, рекол работникот на Ауди, Мелих Челвик на протестот во Некарсулм.
Според податоците на работничкиот совет, во протестите учествувале околу 6.000 луѓе.
„Затворањето би било катастрофа“, порачува градоначалникот.
Работниците бараат јасни одговори од Фолксваген, чиј извршен директор Оливер Блуме предупредил дека Некарсулм е меѓу четирите фабрики во Германија кои би можеле да бидат затворени после 2030 година доколку не се пронајде алтернативно решение.
„Вработените сакаат јасни одговори бидејќи се загрижени кога доаѓаат на работа. Загрижени се и многу семејства“, рекол приправникот во Ауди, Франк Војко, додека демонстранстите правеле врева со свирчињата кои ги носеле.
Блуме се обидува да го избегне затворањето на фабриката и предложил алтернативи, вклучувајќи партнерства во одбрамбената индустрија и производство на модели на Фолксваген наменети за кинескиот пазар, кои моментално се продаваат во Европа, во недоволно искористените фабрики во Германија.
Меѓутоа, се’ уште не е донесена ниедна одлука, а се очекува дека втората половина од годината ќе ја обележат напнати преговори со моќни претставници на вработените во Фолксваген, вклучувајќи и разговори за предлогот бројот на планирани откази во групата да се зголеми на 100.000.
Во фабриката во Некарсулм вработени се околу 15.000 луѓе, а во неа се произведуваат модели на Ауди А5, А6 и А8, како и електричниот Audi e-tron GT, кој се произведува во помали серии.
Претседателот на работничкиот совет на фабриката Алексндар Рајнхарт рекол дека доделувањето на производство на еден електричен модел во големи серии може на фабриката да и’ ја обезбеди иднината.
Ауди е погоден со падот на продажбата на некогаш многу профитиабилниот кинески пазар, како и со недостатокот на производствени капацитети во Соединетите Американски Држави, поради што е особено изложен на американски царини.
Компанијата минатата година соопштила дека планира до 2029 година да укине до 7.500 работни места во Германија, во главно во секторите администрација и развој.
Градоначалникот на Некарсулм Штефан Хертвиг предупредил дека затворањето на фабриката би имало далекусежни последици по југозападната германска сојузна држва Баден – Виртемберг, традиционален центар на автомобилската индустрија во кој под притисок се нашле Мерцедес Бенц, Порше и добавувачот на авто – делови Бош.
„Тоа би било катастрофа“, рекол Хертвиг за Ројтерс, предупредувајќи дека затворањето на фабриката би можело да предизвика домино ефект во целиот регион.
Извор: b92.net

