ЕкономијаСвет

Warner Bros. и Paramount обединуваат сили: Подготвуваат нов телевизиски гигант со повеќе од 120 серии

Компанијата „Скајденс“ (Skydance) најави обединување на телевизиските продукции на „Ворнер брос“ (Warner Bros. Television Group) и „Парамаунт“ (Paramount Television Studios) во едно студио, кое треба да започне со работа на почетокот на 2027 година.

Новата компанија ќе го носи името Warner Bros. Television Studios и ќе обедини повеќе од 120 активни телевизиски серии, како и дел од најпознатите светски телевизиски франшизи.

Од „Скајденс“ соопштија дека целта на спојувањето е создавање продукциски центар од светска класа, кој ќе ги обедини талентите, ресурсите и продукциските капацитети на двете компании.

Со новото студио ќе раководат Метју Танел од „Парамаунт“ и Ченинг Данџи, претседателка на „Ворнер брос телевизија“. Тие ќе одговараат пред Џорџ Чикс, копретседател на телевизискиот сектор на „Скајденс“.

Телевизиското студио на „Си-би-ес“ (CBS Studios), предводено од Дејвид Стапф, ќе продолжи да функционира како посебна компанија.

Познати светски серии под ист покрив

Новото студио ќе управува со продукција на повеќе од 120 активни серии и познати телевизиски франшизи, меѓу кои се „Хари Потер“, „Тед Ласо“, „Емили во Париз“ и „Лендмен“.

Ова обединување е дел од поширокото преземање на „Ворнер брос дискавери“ (Warner Bros. Discovery) од страна на „Парамаунт Скајденс“, чија вредност се проценува на околу 110 милијарди долари, односно приближно 94,5 милијарди евра.

Со трансакцијата се создава еден од најголемите глобални конгломерати во индустријата за производство и дистрибуција на забавна содржина.

Под ист корпоративен покрив се најдоа два големи холивудски филмски студија, стриминг-платформите HBO Max и Paramount+, телевизиските мрежи CBS и CNN, како и CBS News.

Компанијата во своето портфолио ќе има и голем број познати филмски и телевизиски франшизи, меѓу кои „Хари Потер“, „Невозможна мисија“, „Топ ган“ и „Кум“.

Милијарди долари очекувани заштеди

Од спојувањето се очекува да произлезат најмалку шест милијарди долари годишни синергии во период од три години.

Плановите вклучуваат и обединување на стриминг-услугите, со што компанијата ќе се обиде да ја зајакне својата позиција на глобалниот пазар на дигитална забава.

Предвидено е во првите две години да бидат произведувани најмалку 30 филмови годишно, а потоа бројката да се зголеми на 32.

Преземањето следува по речиси едногодишна трка за купување на „Ворнер брос дискавери“, во која учествуваше и „Нетфликс“.

Договорот беше проследен со антимонополски постапки и противење од делови на холивудската индустрија. Сепак, правните пречки беа надминати по постигнувањето договори со неколку американски сојузни држави и синдикатот на сценаристите.

Извор: b92.net