Светот на работникот

Заборавете го ИТ секторот, ова е работата на иднината: Платата на овие сервисери стигнува и до 150,000 евра, а работници не можат да се најдат ни со „лупа“

Во ера на масовни отпуштања во технолшкиот сектор, едно занимање се издвојува како потполно сигурно и неверојатно профитабилно. Додека многумина стравуваат од вештачката интелигенција, сервисерите на лифтови станале најбараниот кадар на светскиот пазар на труд, а нивните плати преминуваат многу од канцелариските занимања.

Плата и до 150,000 долари годишно

Според податоците на американското Биро за статистика на трудот, сервисерите и инсталатерите на лифтови се наоѓаат на самиот врв на платната скала кога се во прашање занаетчиските професии.

Просечната годишна заработка во оваа индустрија изнесува околу 109,820 долари, додека оние најискусните (во 90-от процентил) заработуваат дури 158,890 долари.

Овие бројки се далеку над просечната плата во САД, која изнесува околу 69,770 долари, но и над просекот во градежниот сектор каде платата е околу 65,360 долари. Дури и надзорниците во градежништвото заработуваат помалку, во просек околу 86,450 долари, што сервисерите на лифотви ги прави „елита“ меѓу занаетчиите, пишува Biznis insajder.

„Не можеме да ги вработиме доволно брзо“

Џуди Маркс, извршна директорка на компанијата Отис, која е гигант во индустријата на лифтови, истакнува дека побарувачката за овој профил никогаш не била поголема. Нејзината компанија моментално вработува околу 45,000 механичари, но Маркс тврди дека не можат да ги најдат доволно брзо за да одговорат на барањата на пазарот.

Од 2020 година, бројот на теренски експерти во компанијата Отис пораснал за 12,5 %, а се предвидува дека побарувачката за ова занимање ќе расте побрзо од просекот на сите други занимања во наредната деценија. Посебно е критично на пазарите како Јапонија, каде бумот во реновирање стари згради и нови градби создаваат огромен притисок на пазарот на труд.

Зошто роботите не можат да ги заменат?

Една од главните причини зошто оваа работа е толку сигурна е фактот дека вештачката интелигенција и автоматизацијата не можат лесно да ја заменат човечката работа во овој сектор. Сервисирањето на лифтови бара години обука и специфична физичка работа која роботите сѐ уште не можат да ја извршуваат.

„Ова е навистина занаетчиска вештина“, порачала Маркс, додавајќи дека луѓето се неопходни бидејќи индустријата е строго регулирана во поголемиот дел од земјите. Интересно е што работниците во оваа струка остануваат со децении – компанијата Отис има подеднаков број на работници со искуство до пет години и оние кои во фирмата се повеќе од 30 години.

Бесплатен факултет како бонус за работниците

Компаниите на сите начини се борат да ги привлечат младите, па така Отис нуди програми за стажирање (apprenticeship) кои почнуваат од 18 години.

Програмата трае четири години, во текот на кои работниците работат како помошници, а навечер посетуваат специјализирана школа, додека не стекнат статус на мајстор (journeyman).

Како дополнителен поттик, компанијата Отис нуди и платена школарина за факултет. „Ако дојдат да работат за нас, ќе им платам ако сакаат да одат на колеџ“, изјавила директорката Маркс.

Ваквите услови ги прават занаетчиските професии сѐ попривлечни за новите генерации, а податоците покажуваат дека градежништвото била најбрзо растечка индустрија за дипломците во последните неколку години.

Извор: Blic.rs