Светот на работникот

Заборавете на „следи ја својата страст“: Генерацијата З сѐ почесто избира ДОСАДНИ професии – и не се кае поради тоа

Со години сме слушале дека клучот на успешна кариера е едноставен: пронајдете работа која ќе ја сакате и нема да работите ниту ден во животот. Миленијалците таа порака ја сфатиле сериозно. Ги избирале креативните индустрии, стартапите, медиумите, маркетингот, модата, културата и забавата, верувајќи дека токму страста ќе ги доведе до исполнет живот.

Денес, меѓутоа, генерацијата З испраќа сосема поинаква порака.

Наместо да бара работа од соништата, сѐ повеќе млади го избораат она што интернетот го нарекува „boring jobs“ – досадни, но стабилни професии кои нудат сигурна плата, предвидливо работно време и помалку стрес.

И изгледа дека поради тоа се – позадоволни.

Сигурноста станала нов статусен симбол

Според магазинот Fortune, меѓу професиите кои доживуваат неочекувана ренесанса се наоѓа сметководстото. Професијата која со години се сметала за монотона, денес привлекува голем број од припадниците на Генерацијата З поради еден едноставен факт – нуди стабилни примања кои често достигнуваат и шестцифрени износи, голема побарувачка на пазарот и отпорност на економски кризи.

Причината е и демографска. Голем број на сметководители од генерацијата „бејби бумери“ заминуваат во пензија, додека даночните и финансиските системи стануваат сѐ посложени, па стручњаци има сѐ помалку.

Но сметководството не е единствен пример.

Сѐ повеќе млади се осврнуваат кон занаетчиските занимања како електричар, водоинсталатер, орален хигиеничар или сервисер. Професии кои можеби не изгледаат гламурозно на LinkedIn или на Instagram, но овозможуваат добра заработка без повеќегодишен студентски долг и често нудат поголема сигурност од многу канцелариски професии.

После „great resignation“ стигнува ерата на прагматизмот

Промената не е случајна.

Генерацијата З пораснала во ек на пандемија, инфлација, масовни отпуштања во технолошкиот сектор и неизвесен пазар на труд. Гледале како компаниите кои важеле за најпосакувани работодавачи преку ноќ отпуштаат илјадници вработени.

Истовремено, многу миленијалци кои го следеле советот да го „работат она што го сакаат“ денес отворено зборуваат за согорување, несигурни договори, ниски плати и постојано чувство дека мораат да бидат достапни.

Поради тоа младите денес сѐ почесто поставуваат поинакво прашање.

Не прашуваат: „Дали ќе ја сакам оваа работа?“ Прашуваат: „Дали оваа работа ќе ми овозможи живот каков што сакам?“

Работата повеќе не е идентитет

Можеби најголемата промена е токму во тоа што Генерацијата З сѐ помалку го врзува својот идентитет за работата.

За разлика од претходните генерации, многумина не очекуваат дека работата ќе биде нивен најголем извор на среќа или смисла. Работата е средство кое го финансира животот вон канцеларија – патувања, хобија, семсјство, здравје и слободно време.

Со други зборови, не е неопходно работата да биде возбудлива ако овозможува живот кој е.

Дали „досадната работа“ всушност е паметен избор?

Секако, не е секој создаден за бројки или занаети, ниту би требало да се откаже од кариера која го исполнува. Но трендот покажува дека се менува начинот на кој размислуваме за успехот.

Наместо да бараат „dream job“, младите сѐ почесто избираат „good enough job“  – работа која можеби нема да заврши на насловната страна на LinkedIn, но редовно ќе ги плаќа сметките, ќе овозможи финансиска независност и ќе остави доволно енергија за живот после работното време.

И можеби токму во тоа лежи најголемата промена. Некогаш статусен симбол била работата која звучи импресивно. Денес тоа е работа која ви овозможува да спиете мирно.

Извор: BIZLife.rs