Задоцнета правда: Во македонските судови нема ни службеници, ни судии
Македонските судови ја завршија 2025 година со само 65,41 отсто пополнети судиски места и со едвај 37,95 отсто од потребната судска администрација. Годишниот извештај на Судскиот совет, доставен до Собранието во април 2026 година, покажува дека повеќе од половината од судовите во државата се неажурни. Додека граѓаните со месеци чекаат пресуди и рочишта, во целата судска власт лани не било одобрено ниту едно ново редовно вработување во стручните служби.
Судовите низ државата во 2025 година имале вкупно 674.851 предмет во работа, од кои решиле 540.241, а нерешени останале 134.610 предмети. На хартија, вкупниот заостаток на национално ниво е намален за симболични 119 предмети. Но прегледот по одделни институции покажува сериозен застој таму каде што граѓаните најчесто бараат заштита на своите права.
Од вкупно 34 судови, дури 18 добиле оценка дека се неажурни бидејќи го зголемиле бројот на нерешени случаи. На листата на неажурни се најдоа Врховниот суд, Управниот и Вишиот управен суд, апелационите судови во Скопје и во Битола, како и Основниот граѓански суд Скопје. Во Вишиот управен суд просечното време за решавање на еден предмет изнесува 325 дена, во Управниот суд 279 дена, а во Основниот граѓански суд Скопје 271 ден. За граѓаните тоа значи речиси цела година чекање за работни спорови, имотни прашања или управни жалби против државни органи. Меѓу неажурните се и основните судови во Битола, Прилеп, Охрид, Струга и во Тетово.
Повеќе тука

