Колумни

Залудно е ако си вреден, а си токсичен

На LinkedIn го поставив прашањето: „Дали вреди да се задржи најдобриот вработен кој истовремено е и најтоксичен на сметка на останатите вработени во компанијата?“

Има една стара поговорка која гласи: „Една птица не ја краси пролетта.“ Оттаму ако работодавачот се реши да го остави таквиот работник во тимот, тогаш шансите се големи да има флуктуација на работна сила. Едни ќе заминуваат. Други ќе дојдат, ќе ја согледаат ситуацијата и ќе си заминат. Така што, ако јас се прашувам дали треба да се толерира таквиот вработен – мојот одговор е категорично НЕ.

Не велам дека работодавачот треба веднаш да го отпушти од работа. Прво би било добро да поразговара со него и да му укаже дека мора да го смени однесувањто. Ако тој повторно продолжи по старо, тогаш работодавачот нема друг избор освен да му даде отказ. И да, можеби ќе го изгуби најдобриот работник, но ќе ослободи простор да се појават други најдобри вработени.

Некои ќе речат „да, не го поднесуваат другите, ама вреден е и ми прави профит“. Јас лично сметам дека залудно е тоа што е вреден, ако е токсичен. Сметам дека на работа не е доволно само да си „работлив“ туку треба да бидеш и тимски играч. Едноставно да бидеш добро човечко суштество. Не знам, можеби грешам, но ова е мојот личен став.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk