Колумни

ЗАМОЛЧЕНАТА СОВЕСТ НА ДЕНЕШНИОТ ПИНОКИО

Колумна на Александра Иванова, овластен сметководител

„Што е совест? Совеста е тој тивок, мал глас што луѓето не сакаат да го слушаат.“ – Штурецот, “Пинокио”

Гледајќи ги случувањата во Институтот на сметководители и овластени сметководители доаѓам до два заклучоци:

  • Совеста им е на mute веќе долго време;
  • Имаме многу Пинокиа со замолчена совест. Разликата е што на модерниве не им расте носот кога лажат, туку личната корист, каква и да е таа.

Во неполн мандат на актуелново раководство доживеавме и преживеавме еден противуставен Правилник кој им одзема право на работа на околу 600 колеги, незаконски дисциплински постапки и бришење од регистар на 3500 колеги, спорни одлуки на Собрание и/или немање одлуки за она што мора да има, наменски дисциплински постапки и контроли на квалитет против неистомисленици и последната црешка на шлагот од неодамна: уште еден Правилник со одредби против Устав, а прашање на време е и кога целиот акт ќе ја дочека истата пресуда.

Но, и покрај сето тоа тековното непречено работење си продолжува. Глумиме унапредување и модернизирање на професијата, прикажуваме наводна грижа за здравјето на сметководителите, и, секако, глумиме незапознати со сите нови обврски кои сакаат да ни ги наметнат.

Она што посебно ме загрижува е апатијата: кај членовите во органите, кај колегите, кај Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија, и последно, кај Министерството за финансии.

Првите, гласаат и постапуваат по насока. Вторите, молчат се додека не се лично засегнати, а неретко и тогаш чекаат друг да им ја води борбата. Третите, покрај сета законска моќ за разрешување на сето ова што ни се случува се однесуваат како подредени и немоќни. И четвртите, што на сето ова гледаат немо и не реагираат. Најавените постапки со месеци стојат во место додека на другата страна стихијата се засилува и проблемот расте.

И додека сето ова се случува, челниците остануваат незасегнати, а околу 10.000 професионалци од дејноста секојдневно го носат товарот на стресот, неизвесноста и последиците од туѓите одлуки. Тоа се истите луѓе кои секој месец пресметуваат плати, придонеси и даноци. Истите кои обезбедуваат приходи за Буџетот. Истите кои се клучната економска врска помеѓу државата и стопанството.

Ова одамна не е борба за еден Правилник или една функција. Ова е борба дали ќе прифатиме незаконитоста да стане нормална појава. Институциите можат да се поправат. Правилниците можат да се укинат. Судовите можат да донесат пресуди. Но замолчената совест не ја враќа ниту еден закон. Бидејќи секоја неправда што денес ја премолчуваме, утре ќе ни се врати како правило. Затоа сега дилемата повеќе не е кој ќе биде следната жртва, туку уште колкумина ќе продолжат да молчат.

За крај: не знам дали совеста може да се исклучи засекогаш. Сакам да верувам дека не може. Прашањето е само: кога конечно ќе ја вклучиме повторно?

Ставовите искажани во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник