СветСветот на работникот

Анализа на Јејл: ChatGPT не предизвика масовни отпуштања како што се очекуваше

Откако ChatGPT беше претставен кон крајот на 2022 година, експерти и директори постојано предупредуваат дека вештачката интелигенција ќе укине бројни работни места. Бранoт отпуштања во технолошкиот сектор изгледаше како потврда на тие мрачни прогнози, но новата студија на Универзитетот Јејл открива поинаква слика — и носи олеснување за загрижените работници, пренесува Futurism.com.

Стабилност и покрај предвидувањата

„Иако стравот од влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на труд е широко распространет, нашите податоци сугерираат дека тој страв е главно шпекулативен,“ се наведува во анализата на Yale Budget Lab, истражувачки центар за економска политика.

Истражувачкиот тим ги анализирал податоците за вработеноста во изминатите 33 месеци, односно од појавата на ChatGPT. Работниците биле поделени во три групи според степенот на изложеност на вештачката интелигенција – висока, средна и ниска.

Доколку AI навистина предизвикал губење на работни места, ќе имало пад во првите две категории. Сепак, тоа не се случило – процентот на вработени во сите групи останал речиси непроменет, што покажува дека влијанието на AI засега е минимално.

Споредба со претходни технолошки револуции

Тимот од Јејл ги споредил сегашните промени на пазарот на труд со две историски фази:

  • воведувањето на персоналните компјутери (околу 1984 година), и
  • интернет бумот што започна во 1996 година.

Целта била да се утврди дали AI претставува историски значаен технолошки пресврт.

Резултатите биле изненадувачки – стапката на промени на пазарот на труд по појавата на AI речиси е идентична со онаа од периодите на компјутеризација и интернет експанзијата. Со други зборови, и покрај драматичните изјави на технолошките лидери, AI засега не предизвикува поголеми потреси од претходните иновации.

Влијание врз младите дипломци

Анализата ги опфатила и високообразованите млади луѓе. Истражувачите ги споредиле можностите за вработување меѓу дипломци на возраст од 20 до 24 години и нивните постари колеги (25–34 години).

Резултатите покажале дека структурата на работните позиции е речиси иста, што укажува дека ChatGPT нема значително влијание врз вработувањето на младите професионалци.

Иако во последните неколку месеци се забележани мали отстапувања од околу шест процентни поени, истражувачите тоа го поврзуваат со општата слабост на пазарот на труд, а не директно со ефектите од вештачката интелигенција.

Што всушност го кочи пазарот на труд?

Доколку AI не е виновникот, што го објаснува успорувањето на вработувањето и намалувањето на почетничките позиции?

Експертите посочуваат неколку можни причини. Една од нив е одлуката на американската централна банка (FED) во 2022 година да ги зголеми каматните стапки, со што заврши ерата на евтин капитал кој ги поттикнуваше инвестициите и отворањето нови работни места во технолошкиот сектор.

Падот на бројот на отворени позиции временски повеќе се совпаѓа со растот на каматните стапки отколку со појавата на ChatGPT.

Некои истражувачи сметаат дека намалувањето на бројот на почетнички работни места е феномен што постоел и пред бумот на вештачката интелигенција, и дека може да се должи на вишокот високообразован кадар во однос на достапните работни позиции.

Медиумските извештаи за отпуштања поради AI, според експертите, можеби се резултат на прерани реакции на директори околу технологијата која во пракса сè уште има значајни ограничувања.

„Сликата за влијанието на AI врз пазарот на труд која произлегува од нашите податоци одразува стабилност, а не голема дестабилизација на економијата,“ заклучува студијата.

Иако генеративната вештачка интелигенција веројатно ќе стане една од трансформативните технологии на иднината, авторите нагласуваат:

„Прерано е да се каже колку оваа технологија навистина ќе биде деструктивна за работните места.“

Извор: Index.hr