Вашата работа е вашиот прв инвеститор: Зошто не треба да дадете отказ штом ќе започнете бизнис?
Во свет каде насловите и „подкаст експертите“ нè мотивираат да ги „запалиме мостовите“ и да дадеме отказ штом ќе ја добиеме првата бизнис идеја, приказната за Дејмонд Џон, основачот на брендот FUBU и ѕвезда на емисијата Shark Tank, служи како трезвено потсетување.
Иако денес „тежи“ стотици милиони долари, Џон својот успех и го должи на одлуката која многумина би ја сметале за „невизионерска“: тој останал на својата постојана работа како келнер со години откако го започнал бизнисот.
„Вашата работа е вашиот прв инвеститор“
Додека го градел брендот FUBU (For Us, By Us), Дејмонд Џон секоја вечер ги послужувал гостите во ланецот ресторани Red Lobster. Причината не била недостаток на вера во сопствениот сон, туку чиста деловна логика, пишува CNBC.
„Таа работа ме научи на продажба и управување со залихи, ги плаќаше моите сметки и ги купуваше материјалите за мојот бизнис“, напиша Џон на својот LinkedIn профил.
Наместо да бара надворешни инвеститори во моментот кога неговиот бренд немал стабилни темели, тој самиот се финансирал преку платата. FUBU започна со буџет од само 40 долари, а до денес генерираше повеќе од 6 милијарди долари вкупен приход.
Кога е вистинското време за ризик?
Многу претприемачи ја напуштаат постојаната работа поради исцрпеност или нетрпение, но финансиските експерти советуваат претпазливост. Пред да се одлучите на тој чекор, потребни се два клучни елементи:
- Железен деловен план: Јасна визија за тоа кој е купувачот и колкава е вистинската заработка (а не само прометот).
- Фонд за сигурност: Финансиските планери препорачуваат заштеда која ги покрива трошоците за живот за една година и барем три месеци оперативни трошоци за бизнисот.
Гради полека ако мораш
Дејмонд Џон истакнува дека постојаната работа не треба да се гледа како пречка за соништата, туку како гориво. Неговиот пат до успехот не бил спринт, туку стратешки маратон. Од носење гардероба на снимања на музички спотови до големиот договор со Samsung во 1996 година, Џон ја користел сигурноста на постојаната работа за да може да биде агресивен и креативен во бизнисот.
Затоа што… Отказот не е доказ за храброст, туку треба да биде резултат на математика. Ако вашиот бизнис не може да преживее без вашата плата од другата работа, тогаш сè уште не сте подготвени за следниот чекор.
Извор: BIZLife/K. J.

