Влада на РМ: Во услови кога невработеноста се намалува не е логично да се размислува за увоз на работна сила
Бобан Илијевски
Најпогодените сектори од пандемија со Ковид -19, во текот на изминатата година имаа проблем со работењето и ликвидноста, но сега имаат проблем со кадар. Туристичко – угостителскиот сектор е еден од секторите каде што се најмногу потребни работници, но работници нема. Тие се заминати на сезонска работа во Хрватска, Бугарија и Малта. Од друга страна, дел од оние работници коишто работеа во овој сектор, поради несигурноста на работните места во ек на пандемијата, беа принудени да ги сменат професиите, па многу од нив започнаа да работат во агенции за обезбедување, транспорт, градежништвото итн. Според процените, во туристичко – угостителскиот сектор недостасува над 50 % од потребниот кадар.
Недостатокот на кадар во неколку наврати ја има отворено дискусијата за увоз на работна сила од трети земји во Македонија. Пандемијата ова прашање повторно го извади на површина.
Од Независната угостителска комора неодамна за порталот „Работник“ рекоа дека доколку не можат да најдат домашен кадар, ќе бидат принудени да увезуваат.
Независната угостителска комора е во фаза на подготвување на стратегија за начини на кои би можел да се спречи неконтролираниот одлив на угостителски работници од Македонија, со предлози и начини како истите да ги задржиме преку целата година, со цел да не се доведеме до ситуација да бараме земји од каде што ќе можеме да увеземе евтина работна сила, рече Здравко Јосифовски, Претседател на НУК во изјава за „Работник.
И Крсте Блажевски од Хотелската Асоцијација на Македонија во интервјуто за порталот Работник потенцираше дека тие одамна барале од Владата да им се овозможи да увезуваат работна сила од други земји.
„Ние го баравме ова многу одамна. Ќе кажам само еден пример. Ако одите во соседна Бугарија, ќе видите дека има реклама од Лесковачка скара. Тоа не значи дека бугарската скара не е добра, но не е толку маркетиншки позната надвор и тие рекламираат Лесковачка скара. Земаат скараџии од Србија и продаваат Лесковачка скара во Бугарија. Кај нас се многу комплицирани законите за носење на странски работници, и за повисоките и за пониските работни места во индустријата. Зошто да не можеме да добиеме албански работници? Истите да бидат легално вработени, а не да работат на црно. Не постои слух по ова барање и никогаш не можеме да стигнеме до некоја цел и до тоа како да ги донесеме тие вработени“, истакна Блажевски.
Од Стопанската Комора на Северна Македонија за порталот „Работник“ велат дека недостатокот на кадар во одредени сектори и дејности се повеќе станува сериозен проблем за бизнис заедницата за одржливост на продуктивноста во работењето на компаниите, потенцирајќи дека се доведуваат во прашање нивните идни вложувања.
Од таа причина, велат дека на увозот на работна сила може се гледа како можност за компензирање на недостатокот од кадар за одржливост и продуктивност на компаниите.
Според нив, увозот на работна сила би важел само за дефицитарни занимања, а ова може да се реализира преку склучен договор за работа на период не подолг од една година, со можност за продолжување додека не се обезбеди соодветен кадар.
Порачаа дека во исто време Владата на РСМ и државните институции, би требало да ги предвидуваат идните потреби од работна сила и да стимулираат вработувања во овие сектори за кои потешко може да се најде работна сила.
Потпретседателот на Туристичко – угостителската комора при Сојузот на Стопански комори на Македонија Мартин Ангеловски за порталот „Работник“ вели дека доколку треба да се увезе кадар, потребно е да се да се изнајде системско решение, бидејќи согласно сегашните закони е многу тешко да се донесе кадар од странство.
Тој вели дека веќе има странски работници во Македонија, но истите се со регулиран статус, со оглед на тоа дека во Македонија склопиле брак и на тој начин добиле државјанства.
Од Владата пак за Порталот „Работник“ велат дека имаат комплетна слика за тоа што се случува во реалноста и каде има дефицит на кадар или пак се појавуваат во многу мал број на пазарот на трудот.
Истакнаа дека министерствата кои имаат ингеренции во овој дел, особено Министерството за образование и Министерството за труд и социјална политика спроведуваат активни мерки и политики со кои овие јазови ќе се намалуваат.
Што се однесува до увозот на работна сила, од Владата посочија дека досега не разговарале на оваа тема, бидејќи како што велат, во услови кога има простор и натаму да се намалува стапката на невработеност, станува нелогично размислувањето во таа насока.
Нагласија дека доколку има потреба или предлози од коморите и бизнис заедницата, Владата ќе излезе во пресрет и ќе ги сослуша и доколку барањата бидат издржани ќе бидат прифатени.
Фото: Pixbay

