Угостителите ќе бидат принудени да увезуваат работна сила, ако продолжи големиот одлив на работници
Бобан Илијевски
Угостителските работници масовно ја напуштаат Македонија во потрага по поголеми плати. Нивна најчеста дестинација е Хрватска, но некои од нив заминуваат во Бугарија, Црна Гора и Малта. Ковид пандемијата си го направи своето, оставајќи го туристичко – угостителскиот сектор паднат на колена во изминатата година, со што се испразнија и џебовите на угостителските работници, бидејќи некои од нив останаа без работа, но и на сопствениците на угостителските објекти.
Пандемијата се стиши. Угостителите повторно проработеа, но сега се соочуваат со еден голем проблем – недостаток на кадар.
20 до 30 % од угостителските работници веќе отишле да работат надвор од Македонија, но од ден на ден бројот се зголемува
Претседателот на Независната угостителска комора – НУК, Здравко Јосифовски за „Работник“ вели дека 20 до 30 % од угостителските работници веќе заминале да работат надвор од Македонија, потенцирајќи дека од ден на ден квалитетни и едуцирани работници од угостителската индустрија ги напуштаат своите работни места и заминуваат во сезонските центри на туризам.
„Жално е што поголемиот дел од нив спремни за малку поголеми дневници или приходи, не ја гледаат реалната слика дека нивната работа во овие центри или држави е без никакви права на здравствени и останати бенефити кои ги имаат тука“, вели Јосифовски.
Тој истакна дека моменталната слика преку која се прикажуваат само нето износите на платите со кои угостителските работници се платени во Македонија, не ја дава реалната слика колку навистина е трошокот којшто угостителите го плаќаат на крајот на месецот на своите вработени.
Јосифовски посочи еден пример, каде што наведе дека кога се зборува дека просечна плата за работа на еден професионален едуциран шанкер – бариста и/или коктел мајстор чија дневница се движи од 1,000 до 1,500 денари, односно просечна дневница – 1,250 денари, излегува дека нето месечната плата изнесува најмалку 30,000 денари. Како што вели, доколку на овој износ се додадат и придонесите кои треба да се платат, како и на бенефитите кои му се обезбедуваат на работното место во повеќето угостителски објекти, како што се бесплатен оброк и пијалаци, лесно се стигнува до износ од 55,000 денари кој како трошок на крајот од месецот угостителите треба да го платат.
„Споредбата можеме да ја направиме и за сите останати работни места во угостителската индустрија, со што многу лесно и брзо ќе дојдеме до заклучокот дека прикажаните нето плати за секое поединечно работно место кај угостителите значат двоен трошок по работно место што на крај на месец треба да го исполнат и платат за вработените“, вели Јосифовски.
Од друга страна, угостителските работници сметаат дека одливот на работниците од овој сектор најмногу се должи на тоа што истиот беше еден од најпогодените од корона кризата.
Туристичко – угостителскиот сектор е еден од нај несигурните на работа секаде во светот
Претседателот на Синдикатот за угостителство и туризам, Роберт Митровски смета дека угостителството и туризмот во моментот се едни од нај несигурните професии, не само кај нас, туку насекаде низ светот.
„Како што пишувавме и во 2020 година, многу од нашите колеги, откако останаа без работа, среќата ја побараа во другите професии, осетија каква стресна професија работат и не сакаат повторно да се вратат на истите работни места. Се разбира, најважно од се е дека никој не гарантира ако се појави нова пандемија дека овој сектор нема да биде прв на удар со затворање на објекти и повторно оставање на работниците на улица“, вели Митровски.
На прашањето каде најмногу заминуваат угостителските работници на работа, Митровски истакна дека нивни најчести дестинации се Малта, Црна Гора и Бугарија, но неговото мислење е дека Хрватска е најпосетена овие години од Македонците коишто работат во туристичко – угостителскиот сектор, чиј главен мотив за заминување во оваа земја, се платата и условите за работа.
Според Митровски, овие држави се најчести дестинации за работа поради тоа што таму е признаен македонскиот пасош, но воедно и културата и јазикот се многу слични. Но, како најголема причина за заминувањето на работа во овие земји, како што вели, е платата која е четири пати поголема од таа во Македонија.
Што да се направи за да се спречи големиот одлив
Јосифовски вели дека никој во моментов во Македонија нема понудено стратегија и предлози, доколку туризмот и угостителството се развиваат како што е проектирано во наредниот период, да се реши проблемот со обезбедување на соодветен и едуциран угостителски персонал и кадар.
Независната угостителска комора, вели тој, е во фаза на подготвување на стратегија за начини на кои би можел да се спречи неконтролираниот одлив на угостителски работници од Македонија, со предлози и начини како истите да ги задржат преку целата година, со цел да не се доведат до ситуација и тие да бараат земји од каде што ќе можат да увезат евтина работна сила.
Предлог стратегија и решенија на НУК за обезбедување на соодветен угостителски кадар и негово задржување во Македонија е планирано да биде јавно објавена на почетокот на наредниот месец, рече Јосифовски.
Тој предупреди дека доколку во најбрз можен рок не бидат прифатени предложените стратегии и решенија, големите угостителски објекти ќе бидат принудени да затворат, од една страна, додека од друга страна, ќе изникнуваат мали семејни угостителски објекти во кои семејствата ќе се здружуваат и сами ќе управуваат и работат со нив.
Митровски истакна дека Синдикатот за угостителство и туризам има неколку идеи со кои голем број на работници од туристичко – угостителскиот сектор би се запрашале дали да заминат на сезонска работа или да останат дома.
„Идеите се остварливи, но досега не наидовме на заинтересираност од коморите, ниту од претставниците на владата кои 30 години наназад се плашат да разговараат со синдикати кои не се под ничија контрола. Треба да им биде чест да разменат мислење со синдикат во приватен сектор. кој ќе се сложиме сите е реткост во Р. Македонија. Доколку сфатат дека имаат корист од истиот, тоа ќе биде добар почеток“, рече Митровски.
Години наназад, во овој период, голем број на работници, и тоа не само од туристичко – угостителскиот сектор, туку и од другите сектори заминуваат на сезонска работа во странство.
Фото: Freepik

