Вработените во Пошта на 14 април влегуваат во штрајк
Неуспешните преговори со Владата и раководството на АД Пошта ги принуди вработените во компанијата на 14 април да влезат во штрајк, соопштија на денешната прес – конференција синдикалните организации при АД Пошта.
Причините, како што рекоа претставниците на синдикатите, за започнување на генерален штрајк се однесуваат на загриженоста кај над 2,200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста од зачувување на нивните работни места.
Барањата на вработените се:
- Итно и неодложно линеарно покачување на нето платите на вработените во износ од 3,000 денари, согласно барањето од 08.02.2022 година; доставено до Управниот одбор;
- Зачувување на работните места;
- Зачувување на иднинатата на компанијата;
- Обезбедување на средства за редовни плати;
- Итна санација на објекти, обезбедување стандардни услови за работа и обезбедување на неопходните средства за работа:
- Итно зпочнување на постапка за нова систематизација со учество на синдикатите во нејзиното изготвување.
Од синдикатите рекоа дека со оглед на законското определување на времетраењето на постапката за помирување, штрајкот ќе биде во мирување до нејзиното завршување.
Синдикатот на Македонска пошта и синдикалната организација на АД Пошта на Северна Македонија започнуваат со генерален штрајк на ден 14.04.2022 година, со почеток од 08:00 часот, на работните места. Тие ќе штрајкуваат се додека не се исполнат нивните барања, односно не се постигне спогодба.
Работата на АД Пошта на Северна Македонија ќе биде целосно во прекин, освен за неопходните активности кои давателите на поштенски услуги мора да ги обезбедат непречено, согласно Законот за поштенски услуги, член 49 и Колективниот договор на ниво на работодавач, рече Претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов.
Фото: Работник

