СветСиндикат

Штрајк се заканува да ги поремети летовите сред сезона: На патниците им стигнало важно предупредување

Кабинскиот персонал на голема европска авио-компанија најавил штрајк по неуспешните преговори со управата, поради што во текот на јули и август би можело да дојде до задоцнување и откажување на поединечни летови.

Синдикатите кои ги претставуваат вработените во компанијата „EasyJet France“ поднеле официјално известување за штрајк откако последната рунда на преговори, одржана на 23 јули, не донела договор.

Можни пореметувања во текот на летната сезона

Точен датум на почетокот на штрајкот засега не е соопштен, но се стравува дека протестот на кабинскиот персонал би можел да предизвика пореметувања во авио-сообраќајот во екот на летната туристичка сезона, кога голем број на патници патуваат ширум Европа.

Поводот за незадоволството на вработените е планираната реформа на системот за труд и пензионирање, која би требало да стапи на сила од 1 јануари 2027 година, пренесува францускиот „Figaro“.

Синдикатите сметаат дека предложените промени не ја земаат доволно предвид специфичноста на работата на кабинскиот персонал, која подложи на посебни правила и старосни ограничувања за заминување во пензија.

Претставниците на вработените предупредуваат и на влошување на условите за работа, наведувајќи дека распоредите на летовите се се’ поизискувачки, поинтензивни и потешки за организација.

Компанијата е разочарана од одлуката на вработените

Од компанијат „EasyJet“ соопштено е дека се многу разочарани од одлуката на синдикатот да организира штрајк.

Управата тврди дека во текот на преговорите понудила одредени измени за да одговори на барањата на вработените, како и дека нова рунда на преговори е закажана за септември.

Компанијата ги повикала синдикатите да се откажат од, како што навела, „контрапродуктивната акција“ во текот на периодот на зголемени летни патувања.

Патниците се советуваат да не ги менуваат плановите

Обемот на евентуалниот штрајк ќе биде познат дури кога вработените ќе ги достават поединечните пријави за учество, најмалку 48 часа однапред, во согласност со француските закони.

„EasyJet“ им порачал на патниците засега да не ги откажуваат резервациите и да не преземаат никакви дополнителни чекори.

Сите патници чии летови ќе бидат погодени од евентуалните доцнења или откажувања ќе бидат благовремено известени по пат на контакт податоците оставени при резервација.

На патниците им се советува пред заминување редовно да го проверуваат статусот на својот лет на веб страната или апликацијата на авио-компанијата.

Извор: SD