Интервјуа

(ВТОР ДЕЛ) ИНТЕРВЈУ – „Брзата и ефикасна правна рамка и инвестирањето се клучни во поттикнувањето на растот на платите во приватниот сектор“

Во вториот дел од интервјуто со Универзитетскиот професор и експерт од областа на трудовото и социјално право, Проф. Д-р. Лазар Јовевски, разговараме за тоа што треба да направи Владата за да го поттикне растот на платите во приватниот сектор, за иднината на Законот за работни односи, што треба дополнително да се уреди во него и за колективното договарање во бизнис секторот.

Што ќе биде потребно да се направи за да растат платите во приватниот сектор? Како Владата може да го поттикне растот?

Владата може и треба, и верувам дека тоа веќе и се случува, чекор по чекор, да создава услови за создавање на бизниси. Да создава правна рамка којашто е брза, ефикасна, економична, едноставна и пристапна за оние коишто отвораат бизниси и за веќе постоечките бизниси, со цел нивен развој. Државата треба преку инвестиции, поволни кредити и преку финансиски стимулации да пушта пари во оптег коишто ќе помогнат на оние коишто сакаат да отворат бизниси или веќе имаат бизниси, за да ги развијат бизнисите. Тоа ќе значи потреба за нови работни места, тоа значи дека луѓето ќе се само-вработуваат преку сопствени компании, и сето тоа ќе значи една динамика на економијата којашто ќе предизвика брз влез и евентуално брз излез на пазарот на труд на оние коишто бараат работа.

Започна да се дебатира дали да се доработи веќе започнатиот нацрт Закон за работни односи или да се донесе нов. Каков е Вашиот став по ова прашање?

Јас бев иницијатор на дебатата и сметам дека тој начин на размена на идеи и на ставови помеѓу сите социјални партнери е вистинскиот начин за доаѓање до најдоброто можно решение за македонското трудово законодавство и неговата иднина. Морам да ви кажам дека сѐ уште се прават анализите и во овој момент не можам финално да ви кажам како ќе заврши целата приказна. Тоа што можам да кажам е дека во неделите и месеците коишто следат, ќе се пристапи кон конкретни чекори за забрзување на процесот преку формирање на соодветни работни групи коишто ќе треба да ја финализираат почетната визија – во која насока ќе се движи измената – дали со нов закон или со сериозни измени и дополнувања на постоечкото законодавство и со тоа веднаш да се пристапи кон реализација на целите коишто ќе се постават во одредена временска рамка. Мора да се воспостави временска рамка поради претходните негативни искуства, а со цел тоа што се работи да има и крај, за да може и да се заврши.

Што според Вас, треба да содржи еден добар Закон за работни односи кој ќе биде усогласен со сите трудови стандарди и ЕУ директиви, но воедно и ќе биде во тек со новите форми на работни односи и новите технологии?

Видете, ние генерално оние критериуми за имплементација на европските стандарди веќе ги имаме поставено на нормативна основа. Тоа што недостасува е делот со флексибилните форми на вработување, со работата на дигиталните платформи и работата од дома – нешто што може и со законски измени веднаш да се внесе во Законот за работни односи. Сметам дека идниот фокус треба да се стави на работата на дигиталните платформи и вештачката интелигенција. Треба да се уреди и делот со синдикатите и синдикалното организирање, организирањето на работодавачите и прашањето за штрајкот, коешто верувам дека ќе мора да претрпи одредени измени, со цел надминување на некои нејаснотии и проблеми кои ги покажа праксата, а актуелниот закон не може да даде соодветни решенија; и аспектот на мирното решавање на работните спорови, којшто како концепт е туѓ во македонската трудова реалност и пракса, а треба да се даде шанса многу повеќе споровите да се решаваат на мирен начин, што всушност е европски принцип.

Колку е важно во приватниот сектор да се засили синдикалното организирање, а со тоа да се стимулира и колективното договарање преку коешто ќе се унапредуваат правата на вработените?

Според мене, многу е важно да се зголеми густината на синдикалното организирање во приватниот сектор, но тоа повеќе децении наназад не го гледаме. Напротив, последните анализи покажуваат дека немаме репрезентативност, ниту на ниво на гранка, ниту на национално ниво од страна на синдикатите во бизнис секторот. Сметам дека тоа се должи на два основи фактори. Прво, на отпорот од страна на самите работодавачи, да ги применуваат законските одредби и да овозможуваат непречено формирање на синдикални организации на ниво на компании, а потоа истите да се организираат на повисоки нивоа – како што се гранки оддели или на национално ниво. И второ, немање на вистинско синдикално лидерство или зрелост за сериозно, принципиелно и искрено да се пристапи кон синдикално организирање во голем број компании од страна на самите вработени, но и на веќе постоечките синдикати, коишто рефлектираат едно незадоволство кај членовите и една апатија, којашто секако работодавачите ја користат во нивна полза. Би рекол дека имаме една анахрона состојба којашто не се поместува од точка веќе со години и со децении наназад.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk