Германија пред тешки кратења: Владата најавува пензиски реформи, синдикатите стравуваат од укинување на работничките права
Реформите на пензискиот систем во Германија предизвикуваат силен отпор кај синдикатите, кои стравуваат од губење на работничките права. Германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочува со сериозни политички и економски предизвици.
Во момент кога германската економија се соочува со долготрајна стагнација, раст на животните трошоци и сè поголем притисок врз индустријата, Мерц се обидува да ја подготви јавноста за болни реформи кои неговата влада ги смета за неизбежни.
Отпорот кон тие планови стана видлив уште на конгресот на моќната Германска конфедерација на синдикати (DGB) во Берлин, каде што канцеларот беше пречекан прилично студено – со само повремени аплаузи и свирежи од салата полна со синдикални претставници.
Како што пренесуваат медиумите, незадоволството најмногу се однесува на мерките поврзани со пензискиот систем и пензиските политики.
Мерц пред околу 400 делегати предупредил дека Германија повеќе не може да функционира според моделот од претходните децении. Според него, земјата веќе седум години практично стагнира, додека во индустријата исчезнуваат илјадници работни места.
Дополнителен товар за граѓаните претставуваат високите цени на енергенсите, кои уште повеќе пораснаа по американско-израелските напади врз Иран, а најмногу ги погодуваат домаќинствата со пониски приходи.
Во таква атмосфера, владата подготвува обемни реформи, вклучително и реформа на пензискиот систем, која би можела да стане едно од најчувствителните политички прашања во Германија во наредниот период.
Иако упати критики кон политиките на своите претходници, Мерц истовремено се обиде да ја намали загриженоста во јавноста, тврдејќи дека најавените мерки не се израз на „злонамерност“ од страна на владата, туку одговор на длабоките промени низ кои минува германската економија.
Судир меѓу владата и синдикатите околу пензиите
Односите меѓу канцеларот и синдикатите и претходно беа затегнати. Мерц во последниот период повеќепати ги повика Германците да работат повеќе, што дополнително ги налути синдикалните организации, пренесува DW.
На синдикатите особено им пречело тоа што нивната чадор-организација DGB не била поканета во владината експертска комисија за изработка на нов пензиски систем. Поради тоа, DGB формирала сопствена комисија.
Мерц останал цврст во ставовите за пензиите и не дозволил негодувањата и потсмешливите реакции од публиката да го поколебаат.
„Сè помал број работници мора да издржуваат сè поголем број пензионери кои живеат сè подолго. Покрај државната пензија, луѓето во иднина ќе мора и приватно да штедат“, порача Мерц.
„Тоа се демографија и математика. Двајца вработени кои плаќаат придонеси едноставно не можат во иднина да го носат товарот за финансирање на еден пензионер“, додаде тој.
Пад на рејтингот на владата
Освен студените односи со синдикатите, проблеми има и внатре во владата. Рејтингот и на конзервативците и на социјалдемократите постојано опаѓа, а задоволството од работата на владата е на историски минимум.
Ова особено ги погодува социјалдемократите, кои традиционално се сметаат за заштитници на граѓаните со ниски и средни примања.
Дописничката Михаела Кифнер, која го следела синдикалниот конгрес во Берлин, оценила дека расте притисокот врз Социјалдемократската партија (SPD) појасно да се спротивстави на реформските планови на Мерц.
Владата сака промени и во работното време
Мерц истакнал дека го поддржува правото на работничките претставници да учествуваат во донесувањето одлуки во компаниите и институциите, нагласувајќи дека сака да ја зачува германската традиција на социјално партнерство меѓу работодавачите и вработените.
Но, синдикатите стравуваат дека реформите би можеле да донесат „еднострано оптоварување и укинување на работничките права“, особено за граѓаните со пониски примања.
Владата, исто така, планира измени на прописите за неделното работно време, што е едно од барањата на демохристијаните. За синдикатите, пак, осумчасовниот работен ден претставува речиси света вредност.
Многу потопол прием кај синдикалците добила германската министерка за труд Бербел Бас, која беше поздравена со громогласен аплауз откако порача дека социјалдемократите не планираат да го отвораат прашањето за промена на работното време.
Бас нагласила дека ќе направи сè за да го зачува осумчасовниот работен ден, кој претставува еден од клучните столбови на германскиот социјален модел.
Сепак, токму реформата на тој принцип е предвидена како една од целите во коалицискиот договор меѓу конзервативците и социјалдемократите, поради што веќе се очекуваат нови жестоки политички дебати.
Извор: EUpravo zato.rs

