Дали работите нешто во петок? Пет причини зошто треба да се воведе четиридневна работна недела
Триесет проценти од американските организации истражуваат нов распоред на работата, како што се четиридневната работна недела, покажала анкетата на KPMG „Outlook Pulse Survey“ за 2024 година.
Не е изненадување дека концептот на четиридневната работна недела повторно добива замав. Неодамна и сенаторот Берни Сандерс вовел закон со кој се воведува 32 часовна работна недела, без да се намалат платите.
Потоа, неколку дена подоцна, милијардерот Стив Коен се појавил на шоуто на CNBC „Squawk Box“ опишувајќи ги своите вложувања во голф стартап лигата TGL. Коен верува дека „доаѓа четиридневната работна недела“. Со оглед на тоа дека сѐ повеќе компании преминуваат на овој модел, логично е дека терените за голф во петок ќе бидат погусто пополнети. Дури и активностите на план на вработување нови луѓе покажуваат докази дека оваа идеја добива нови поддржувачи. Иако вкупниот број на огласи за работа во кои се наведува четиридневна работна недела и понатаму е мал, тој број двојно се зголемил во последните неколку години, покажуваат податоците на Indeed, пренесува Инвеститор.
Со согорувањето на вработените кое го достигна својот врв и организациите кои се борат да привлечат и да ги задржат своите најдобри вработени, флексибилните опции за работа стануваат сѐ популарни. Форбс нуди пет уверливи причини зошто четиридневната работна недела станува сѐ популарна.
- Вработените пружаат отпор кон враќањето во канцеларија
По години уживање во автономијата и флексибилноста кои ги нуди работата на далечина, вработените не сакаат да се вратат во канцеларија и да работат на полно работно време. Во една студија на една фирма која од вработените побарала да се вратат назад, дури 42 % од нив се соочуваат со одлив на работна сила, а 29 % се борат за вработените. Отпорот на враќањето во канцеларија не е само желба на вработените. Тие трошат време и пари патувајќи до и од работа и, во многу случаи, стануваат помалку продуктивни. Според истражувањето на Универзитетот Стенфорд, иако некои работодавачите барале враќање сите пет дена, повеќе од половина работници не се придржуваат до тоа правило.
- 2. Петоците се непродуктивни
Евидентно е дека многу од нас работат помалку во петок. Во споредба со 2021 година, просечниот вработен заминува еден час порано од работа, покажува анализата на ActivTrak. Всушност, во петок попладне најниска е точката на продуктивност на вработените на основа на студијата на Универзитетот Тексас A&M која се бави со параметрите на употреба на компјутерите. Освен тоа, студијата открила дека луѓето направиле значајно повеќе грешки во куцањето на тастатура после пладне – особено во петоците. Како резултат на тоа, многу компании вовеле „петок без состаноци“ или „флексибилен петок“ за на работниците да им дадат повеќе слобода во поглед на начините на кои го користат своето време.
- Експериментите на четиридневната работна недела дале добри резултати
Најголемата светска пробна работна недела во траење од четири дена која ја спровела иницијативата „4 Day Week Global“ резултирала со тоа поголемиот дел од компаниите оваа политика да ја воведат трајно. По една година, поголемиот дел од анкетираните организации пријавиле позитивно влијание врз благосостојбата на вработените. 50 % забележале намалување на одливот на работната сила, а 32 % рекле дека политиката им ги подобрила напорите во вработувањата нови кадри. Уште повеќе ветува тоа што вработените пријавуваат поголемо задоволство од работата по експериментот. „Резултатите се навистина стабилни“, вели социологот Џулиет Шор од Бостонскиот колеџ која била дел од истражувачкиот тим. „Луѓето се чувствуваат задоволно од овој нов модел.“
- Четиридневната работна недела ја зајакнува културата во компанијата
Според студијата на Exos, четиридневната работна недела покажува дека вработените кои ја чувствуваат поддршката од својата организација се чувствуваат подобро и поефикасно. Пилот програмата резултирала со подобрување на благосостојбата на вработените и перформансите на компаниите. До крајот на студијата, 91 % од работниците рекле дека веруваат дека ефективно го поминале времето на работа во однос на 67 % пред проектот. И благосостојбата на вработените се подобрила, при што процентот на луѓе кои доживуваат согорување (burnout) опаднал од 70 на 36 % во текот на студијата. На крајот, вработените биле посреќни и еднакво ефикасни во текот на четиридневната работна недела.
- ВИ прави четиридневната работна недела да биде неизбежна
Како што вештачката интелигенција (ВИ) го освојува светот, некои експерти ценат дека новата технологија ќе го забрза усвојувањето на четиридневната работна недела. За да ја поддржи оваа теорија, Tech.co анкетирал повеќе од 1,000 американски бизнис лидери за влијанието на технологијата врз правилата на работните места за 2024 година. Податоците откриле дека 29 % од компаниите со четиридневна работна недела интензивно ја користат вештачката интелигенција. Наспроти тоа, само 8 % од организациите со петдневна работна недела ја користат вештачката интелигенција во ист степен. Уште пофасцинантно е дека меѓу компаниите кои користат ВИ дури 93 % размислуваат да воведат пократка работна недела. Со оглед на способноста на ВИ да ја зголемува продуктивноста, таа има долгорочен потенцијал да биде од корист и на организациите и на оние кои работат во нив.
Четиридневната работна недела станува сѐ поатрактивна за работодавачите кои настојуваат да привлечат квалитетна работна сила, да ја задржат постојаната и да ја подобрат благосостојбата на работниците. Со сѐ поголемиот број на компании кои го тестираат овој пристап, само прашање на време е кога усвојувањето ќе стане широко распространето. Иако четиридневната работна недела веројатно нема да стане меинстрим за одредени индустрии како што се малопродажбата, угостителството и здравството, таа секако има потенцијал да трансформира многу други.
Извор: b92.net
Фото: Shutterstock/Dragon Claws

