СветСветот на работникот

До 2030 година ќе бидат потребни 600.000 работници во оваа индустрија: ЕУ смислува план како да стигне до таа бројка

Европа се обидува забрзано да се „наоружа“, но се соочува со сериозен проблем: недостиг на стручни кадри кои можат да проектираат и произведат доволно воена опрема за потребите на идната европска одбранбена стратегија.

Европската унија проценува дека до 2030 година треба да обучи или преквалификува околу 600.000 луѓе за работа во одбранбената индустрија, сектор кој тешко успева да вработува со доволно брзо темпо за да ги следи потребите на повторното вооружување на Унијата.

Овој план за надградување на вештините е дел од поширок пакет мерки во рамките на Мапата за трансформација на одбранбената индустрија, презентирана од Европската комисија. Пакетот вклучува и т.н. Платформа за таленти, која треба да поддржи стручни практики во компании кои развиваат технологии со двојна намена, како и во мали и средни претпријатија, стартапи и фирми во фаза на раст.

„Мора да обезбедиме вештини кои му се потребни на секторот за одбрана“, изјавил за Euronews еден висок претставник на Комисијата.
„Ова станува сериозно тесно грло, бидејќи сите во индустријата се обидуваат да произведуваат сè повеќе и сè поиновативна опрема, а недостигот на стручњаци создава жестока конкуренција — и внатре во индустријата и меѓу различни сектори“.

Раст на побарувачката за кадар во европската одбранбена индустрија

По години опаѓање, пазарот на труд во одбранбениот сектор повторно почна да расте во 2022 година, поради руската инвазија врз Украина. Тоа ги натера многу земји-членки да нарачаат нова воена опрема и значително да ги зголемат своите воени буџети.

Во 2023 година, европската одбранбена индустрија вработувала околу 581.000 лица, а податоците на Европската одбранбена агенција покажуваат дека бројот на огласи за работа е и понатаму висок — за 41% над нивото од 2021 година — и покрај благото опаѓање во однос на пикот од 2022.

Во новата стратегиска мапа, Комисијата предупредува дека недостигот на работна сила и вештини „ги загрозува оперативните капацитети на секторот и со тоа влијае на безбедноста на ЕУ“.

Овој недостаток претставува проблем и за страната на понудата, каде се развиваат нови технологии како вештачка интелигенција и квантни системи за воени цели, но и за страната на побарувачката, каде армиите и службите за набавки мора брзо да воведат нови технологии.

Подготовки за идни закани

За да се затвори јазот, Комисијата планира да стартува пилот-проект „Гаранција за вештини“, кој ќе помогне работници од автомобилската индустрија и сродните сектори—кои поминуваат низ реструктурирање или ризикуваат губење на работа—да преминат во стратешки важни области како што е одбраната.

Комесарот за одбрана Андријус Кубилијус изјави дека мерките имаат цел:

  • секоја година да се унапредат вештините на околу 12% од постојните работници во одбранбената и воздухопловната индустрија, и
  • до 2030 година да се преквалификуваат 600.000 луѓе за работа во секторот.

Планирана е и Платформа за таленти на одбранбената индустрија на ЕУ, која преку систем на ваучери ќе поддржи стручни практикантски програми. Во пилот-фазата ќе бидат поделени околу 300 ваучери за студенти.

„Идејата е да им овозможиме на љубопитните и талентирани млади луѓе од прва рака да видат што значи развивање иновации во одбранбениот екосистем“, вели претставникот на Комисијата.

Последниот дел од стратегијата е искористување на постоечките европски онлајн-образовни платформи, како EUSPA Space Academy и Digital Skills Academies, преку кои ќе се развиваат вештини поврзани со одбраната.

Комисијата, исто така, размислува за основање Европска академија за вештини во одбранбената индустрија, но тоа би било можно дури по 2028 година, кога ќе започне новиот буџетски циклус на ЕУ.

Извор: EUpravo zato / Euronews