ЕкономијаМакедонија

Државата има сосема доволна количина на пченка и пченица

Државата има сосема доволна количина на пченка и пченица – тврдат надлежните откако српскиот претседател најави дека Србија, на барање на Северна Македонија, ќе испорача 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка.

„Tие од нас побараа да им испорачаме 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка и тоа можеме веднаш да им испорачаме, немаме проблем во врска со тоа. Тие купуваат пченка од нас и секогаш ќе имаме и за регионот, и за нас, и за Северна Македонија, и за Црна Гора, и за Албанија, и за БиХ.“ – изјави Александар Вучиќ претседател на Србија.

Владата уверува, бараните количини не се потребите на државата или стоковите резерви, тие се согласно годишните планови на стопанските субјекти.

„2022 година не се разликува од минатите години во делот на увозот на пченица и пченка. Домашното производство на пченица изнесува 253 илјади тони, а годишните потреби за пченица се околу 300 илјади тони, што значи дека остатокот на пченица секоја година се обезбедува со увоз. Околу 90% од пченицата, нашите мелничари ја увезуваат од Србија. Според последните податоци, во 2021 година од Србија се увезени 65.000 тони пченица и 54.000 тони пченка.“ – изјавија од Влада на РСМ. Наспроти тврдењата на властите дека има доволно стокови резерви, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за неодговорност и празни стокови резерви.