ЕкономијаИнтервјуаМакедонијаСветот на работникот

Државата ќе ги отпишува долговите врз основа на камати кон јавни претпријатија

Мерката за отпис на камати ќе важи само за јавните претпријатија кои работат во склоп на општините и кај оние јавни претпријатија во кои 100 отсто е сопственик Владата. Да прецизирам ќе важи за сметките за вода, комуналии и другите сметки  кои директно се плаќаат од страна на граѓаните кон јавните претпријатија на централно или на локално ниво.

Во моментов разговараме и со други приватни компании за да можеме да обезбедиме некакви олеснителни околности во насока на бришење на одредени камати, но тоа Владата не може да го спроведе кај приватни компании или, пак, кај компании кои над 50 отсто се во сопственост на приватни лица иако Владата може да има одредена малцинска сопственост или процент во одредени компании, вели Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за МИА. 

Во првата фаза така ќе почнеме, а така одлучивме, бидејќи имаме информации од анализите што ги направивме дека одредени семејства и граѓани речиси имаат поголем долг врз основа на заостанати камати отколку што им е главницата на долгот и тоа го префрлуваат на наредните генерации. Затоа сакаме еднаш засекогаш да ги избришеме долговите врз основа на камати, а дополнително да им дадеме можност на граѓаните на 12 месеци да го репрограмираат основниот долг што е постар од три месеци, додава Бектеши.

Бектеши истакна дека во петтиот пакет ќе бидат опфатени и двете мерки за помош на компаниите – и бескаматни кредити и поддршка за исплата на платите, изјави министерот за економија.

„Ќе се реализираат и двете мерки, значи ќе продолжи и мерката за финансиска поддршка на исплата на платите согласно методологијата и механизмите кои бе предвидени во четвртиот сет на економски мерки. Тоа значи дека ќе се исплаќа скалесто на сите компании кои имале пад на нивните приходи од 30 до 80 отсто, но истовремено ќе има и механизам на бескаматни кредити кои ќе бидат спроведени преку Развојната банка за таргетирани дејности кои согласно податоците кои ги имаме од различни институции имале поголем пад на приходите во нивната работа, но и во дејностите кои биле затворени во време на пандемијата со одлука на Владата“, објаснува Бектеши.