ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Ексклузивно: Еве зошто овој сектор е еден од најплатените во Македонија

ИКТ секторот е еден од најразвиените и најплатените сектори во Македонија. Податоците на Државниот завод за статистика за месец март покажуваат дека платите во овој сектор изнесуваат над 70,000 денари.

Бобан Илијевски

Менаџерот на ИКТ компанијата ⋮IWConnect – Development Solutions, Елизабета Мемца за „Работник“ вели дека ИКТ секторот е еден од најдинамичните сектори во денешно време, како во светот, така и во Македонија, потенцирајќи дека овој сектор се уште има огромен потенцијал за развивање.

Вели дека во споредба со другите индустрии, е една од најплатените индустрии и според неа тоа се должи на три главни причини:

Едната од причините, како што вели е тоа што вработените во ИКТ секторот се интелигентни и се посветени на својот личен и професионален развој.

„Нашиот кадар е секогаш отворен за учење и нови предизвици, и по завршувањето на образованието, продолжува и понатаму да учи и да се развива, секако во континуитет со брзиот развој на нови технологии  и индустрии“, вели Мемца.

Г-ѓа Елизабета Мемца, Менаџер на ⋮IWConnect – Development Solutions

Таа вели дека втората причина е што нема јазична бариера, нагласувајќи дека ИКТ кадарот во Македонија зборува втор или трет јазик, што ја олеснува комуникацијата со клиентите од странство. Како за пример, таа ја спомена Кина, каде само еден човек зборува и го познава јазикот, а останатите работат, што не е случај со кадарот во ИКТ секторот во Македонија.

Како трета причина, Мемца го споменува, како што вели, фактот што според странскиот пазар Македонија е доста профитабилна.

„Свесни сме дека стандардот за плати во Македонија е доста различен во споредба со платите од Западна Европа па затоа клиентите од странскиот пазар се насочуваат кон македонскиот кадар. Но, она што ме радува е фактот дека и платите кај нас постепено растат како што и Државниот завод за статистика известува, што не влијае многу на побарувачката од странскиот пазар“, вели Мемца. 

На прашањето какво влијание имала пандемијата врз компанијата, во однос на развивањето на нови професии во рамките на овој сектор, Мемца истакна дека пандемијата не принуди да застанеме и да размислиме како живееме, кој е нашиот фокус и кон каде да се движиме.

Таа посочи дека голем број на компании се реструктурираа и реорганизираа, а истото го направиле и тие.

„Пандемијата ни беше да речам еден вид на мотиватор да видиме што всушност ни е важно, што треба да направиме за да продолжиме да растеме и да се развиваме, како сме организирани, и како да се промениме за да им помогнеме на клиентите уште повеќе“, вели Мемца.

Факт е дека секоја компанија во светот почувствува проблеми од пандемијата, рече таа и додаде дека сето тоа води кон потребата за креирање на нови решенија, што е тесно поврзано со развивањето на нови професии.

„Ние како компанија која ги има за вредности несебичниот придонес, и фамилија, решивме да се реорганизираме, и да им понудиме нови, иновативни решенија на нашите клиенти. Од друга страна пак, сето тоа резултираше во зголемено учење и развивање на нашиот кадар, истражување на нови технологии и дискутирање на решенија, со што ние, како компанија пораснавме во голема мера, а тоа е исто една од нашите вредности – авантуристички раст“, истакна Мемца.

Во однос на тоа дали бројот на вработени во нивната компанија се зголемил во ек на ковид пандемијата, Мемца рече дека истиот се зголемил, истакнувајќи дека пандемијата донела страв кај голем број од компаниите и дека имало голем број на отпуштања на вработени. Спротивно на ова, раководството на компанијата решило да инвестира во нивниот кадар преку обуки, сертифицирање и изучување на нови технологии.

„Како и претходните кризни времиња, знаевме дека и ова ќе помине со взаемна поддршка. Покрај нашата интерна реорганизација, ние сфативме дека сега е супер време за нови вработувања и пристапивме кон зголемување на нашите тимови од професионалци“, вели Мемца.

Интересот за вработување во ИКТ секторот постојано се зголемува и голем број на млади се обучуваат да работат во овој сектор. Сепак, познато е дека во секторите каде што има голема понуда на кадар, цената на трудот опаднува, односно се намалуваат платите. Но, бидејќи ИКТ секторот во многу аспекти се разликува од останатите сектори го запрашавме Менаџерот на оваа компанија што мисли околу оваа проблематика.

Мемца посочи дека точно е дека понудата на кадар се зголемува, но нагласи дека тоа е обратнопропорционално со квалитетот кој се добива.

„Главниот проблем во нашата држава е едукативниот систем кој споро го следи чекорот на брзиот развој на новите технологии, со што се создава кадар кој не е доволно едуциран, и не може директно да започне со работа, односно, потребно е нивно дообучување кое обично трае од 3 до 4 месеци. Како за пример може да ги земеме Украина или Индија, каде работите динамично се менуваат во едукативниот систем со цел да се фати чекор со промените и развојот во сите индустрии. Како што напоменав, светот и развивањето на современите технологии се движат со енормна брзина и е еден од главните фактори за брзиот раст на овој сектор, а со самото тоа и побарувачката на соодветен кадар се повеќе се зголемува. Значи имаме еден правопропорционален раст на понуда и побарувачка“, вели Мемца.

Во Македонија, вели таа, нема доволно кадар за да се задоволи побарувачката, а државата, особено Министерството за образование, како што вели, не е доволно заинтересирано да ги дознае проблемите кои ги имаат македонските компании во ИКТ секторот и како тие можат да помогнат.

Па, според тоа, големата понуда нема да влијае врз цената на трудот во овој сектор, напоменувајќи дека проблемот со понудата и побарувачката е вештачки креиран.

„Македонските компании сè почесто се сведоци на влезот на странски компании во државата, каде ИКТ секторот за жал не изостанува. Нудат поголеми плати за кои тие (странските компании) не плаќаат даноци и останати давачки кон државата. Оваа ситуација го руши македонскиот пазар, како и мотивот на македонските компании да растат и успеат во бизнис сферата, кои не можат да понудат ниту конкурентни плати, ниту останати бенефиции поради разните трошоци и даноци кои за нас (македонските компании) не изостануваат. Ефектите од ова веќе почнуваат да се чувствуваат и мислам дека доколку не се најде решение за оваа нелојална конкуренција, македонските ИТ компании се почесто ќе страдаат и нивниот раст значително ќе се намали“, заклучи Мемца. 

Фото: Freepik