ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Енормен раст на невработени во текстилната индустрија во 2020 година

Бобан Илијевски 

Јавно е познато дека досега државата вовела пет пакет мерки за економско справување со пандемијата. Во овие пет пакет мерки има различни видови на структури и различни видови на мерки, конкретно како да се справат со пандемијата, рече Виктор Стојкоски, истражувач во ЗМАИ, на денешната панел дискусија „Предизвици на текстилната индустрија – пред и по кризата со Ковид – 19“ којашто беше организирана од Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ, во соработка со Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“, а е поддржана од страна на Фондацијата „Отворено општество“.

Тој посочи дека текстилната индустрија не била директно опфатена со ниедна од мерките, од општите мерки важеле и за неа.

Со првите четири пакет мерки од државата во индустријата се внесени 861 милион евра, рече тој, нагласувајќи дека одреден дел од овие средства биле издвоени за исплата на минимална плата од 14,500 денари во различните индустрии низ целата држава.

Во третиот пакет, каде доминирала поддршката за исплата на плати вработените, цели 14 % припаѓаат на текстилната индустрија, од сите индустрии.

„Дополнително направивме и анализа на десет општини во кои текстилната индустрија е една од најважните индустрии во нив. Од тие десет истражувани општини дојдовме до сознание дека една општина има преземено конкретни мерки за справување со кризата, но овие мерки биле за заштита од Ковид 19“, рече Стојкоски.

 Тој посочи дека две од истражуваните општини предвиделе намалување на фирмарините за компаниите од текстилната индустрија за наредната година, но напомена дека со оваа мерка се опфатени сите индустрии.

Во вториот дел ЗМАИ направил истражување на деловните тенденции преку две анализи – првата анализа била во однос на индустриското производство внатре во државата, како тоа се одвивало во три потиндустии на текстилната индустрија – производство на кожа, облека и текстил.

„Трендот на намалување на производството на овие три потиндустрии настојува се уште од 2015 година, па се до ден денес. Текстилната индустрија во 2015 година учествувала со 16 % во вкупното производство на нашата држава, меѓутоа тоа производство во 2020 година се намалува на 12,9 %, а тоа е пад од 3,1 %“, рече Стојкоски.

Кога ќе се споредат 2019 со 2020 година, во кожарската и индустријата за облека има значителен пад на производството. Нивното производство многу повеќе се намалува во 2020 година. За разлика од нив производството на текстил се зголемува, што е, како што нагласи Стојкоски, еден од позитивните резултати досега.

Негативен резултат бележи извозот во текстилната индустрија кој и во изминатите години следи некоја сезонска патека и тој е речиси константен, односно секоја година има или зголемување или намалување на извозот. Во 2019 година, нето извозот бил позитивен, за да во 2020 година тоа да стане нето увоз, односно во 2020 нето извозот изнесувал -958 милиони денари. Тој е опаднат за 300 % во однос на 2019 година.

Анализата за пазарот на трудот покажала лош резултат, односно во 2020 бројот на невработени лица се зголемил, според податоците од Агенцијата за вработување, за 128 % во однос на претходната година. Во нив учеството на младите лица (под 29 години) е цели 15 %.

Според Стојкоски, најчесто вработените добивале откази поради завршување на договорот, а забележително е тоа што убедливо најголем раст имаат отказите дадени од страна на работодавачите во 2020 година, а претходно тој претставувал незначителен удел.

Во однос на платите, анализата покажала дека тие имаат тенденција да растат од година во година во текстилната индустрија, за разлика од тоа вработеноста се намалува, па заклучокот на Стојкоски дека растот на платите се должи на тоа што оние коишто ги губат работните места се ниско платени.

Тој истакна дека 50 % од компаниите во текстилната индустрија добиле финансиска помош од државата. Со овие 50 % се опфатени 69 % од вработените во изминатата година, напоменувајќи дека ова се податоци за третиот пакет на мерки којшто во најголема мера беше насочен кон исплата на финансиска помош за плати.

Нагласи дека иако стандардниот износ на државната помош изнесувал 14,500 денари по вработен, текстилните компании зеле по 19,810 денари по месец за вработен.

Истражувањето покажало дека оние вработени коишто работат на половина работно време, не работат на целосни договори се зголемува во 2020 за 17,6 % во однос на претходната година.

Во склоп на анализата биле направени и фокус групи, во кои се разговарало со работници/чки и работодавачи.

„Организиравме 5 фокус групи со вкупно 25 работнички од различни региони во Македонија. Исто така организиравме и една фокус група со вкупно пет работодавачи, исто така од различни региони во државата“, рече Стојкоски.

Најголемиот дел од работничките добиле ваучери од државата. Тие исто така истакнале дека мерките за исплата на плата не покажале резултати поради тоа што дел од компаниите или не ги исплаќале или не знаат дали ги имаат добиено. Тие сметаат дека, покрај тоа што вработеноста се намалува, нивниот обем на работа се зголемува, а посочиле дека не им бил исплатен или делумно им бил исплатен К-15 во 2020 година. Работничките изјавиле дека мерките за заштита од Ковид – 19 биле делумно применети од страна на работодавачите.

Нивен став за решавање на проблемите е зајакнување на механизмите за заштита на работничките права и нивно подобро регулирање со законите. Тие дополниле дека не им се исплаќа прекувремената работа и минатиот труд.

Работодавачите рекле дека покриањето на 50 % од платата на вработените не е одржлива мерка; текстилната индустрија има недостиг на човечки капитал. Посочиле дека индустријата ќе се врати пред кризата до 2022 година, при што нагласиле дека најефикасен начин за надминување на кризата се создавање на тренинг центри и отворање на нови училишта. Дополниле дека проблемите во индустријата биле присутни одамна, но со појавувањето на кризата дошле до израз.