Заев: Успесите на компаниите се сатисфакција за владините мерки, економскиот развој на Ресен го заживува преспанскиот регион, кој е голем туристички потенцијал
Имав можност да видам како тука се работи и да слушнам кои се ефектите, кои оваа фабрика ги има врз економскиот развој на Ресен, но и пошироко на Преспа.
Оваа фабрика денес има 292 вработени, тука во Ресен, а на ниво на цела држава вкупно 600 работници. Мене ме радува, што тука нема да се застане и оваа фабрика само ќе расте во иднина.
Покрај тоа што со раководството ја делиме желбата за зголемување на бројот на работни места и со тоа поддршка на граѓаните од овој регион, ја делиме и желбата да го заживееме повторно овој преспански регион и да го вратиме стариот сјај.
Ние, тоа како Влада го правиме со повеќе различни проекти, а од разговорите со директорот Јањиќ, се уверив дека и тие како општествено одговорна компанија имаат план да помогнат и придонесат кон зајакнување на туристичката понуда на Преспа.
Ова е секако во согласност со Владиниот акциски план за ревитализација на Преспанското Езеро, кој во третата фаза предвидува адаптирање на скапоцените туристички потенцијали и нивна соодветна презентација како туристичка понуда.
Брендирањето на производите кои Ресен и Преспа ги нудат, афирмацијата на нашиот но и на странските пазари, придонесува понатаму и кон развој на овој регион, нивна препознатливост во светот.

