ПравдаСветот на работникот

Заштита на млади работници (до 29 години)

Заштита на млади работници (до 29 години)
Младите работници треба да уживаат работнички права како и сите останати работници, но истовремено треба да им се обезбедат услови за безбедност и здравје при работа.
Заштитата на младите работници во Европската Унија се третира со посебно внимание и со право, бидејќи развојот на младите како личности и како работници треба да им се овозможи во безбедни и здрави услови. Па така, млади до 15 годишна возраст не смеат да работат. Ако младо лице е сè уште во образовен процес, а работи, неговото работно време и работни обврски не смеат да го попречуваат неговото следење на наставата. Се внимава на влијанието на работните обврски врз психо-физичкиот развој на младиот работник, притоа имајќи предвид дека најмладите работници од детство преминуваат во групата на возрасни и ова може да има влијание врз нивното здравје пред сè, и од таа причина работодавачот е должен самите работни обврски да ги приспособи на возраста на младиот работник. Исто така се води сметка и за тоа дека треба да се процени и можниот дополнителен ризик на работното место за младите работници кој би можел да произлезе од недоволно искуство, немање свесност за постојни или потенцијални ризици, или пак од нивната незрелост. Европските земји имаат обврска со законско решение да ги задолжат работодавачите да обезбедат колку е можно подобри работни услови за младите работници, работното време строго да го почитуваат и да немаат младите работници прекувремена или ноќна работа, освен во исклучителни ситуации регулирани со закон. На младите работници треба да им се овозможи користење на годишен одмор и слободни денови како што е предвидено со закон, но задолжително треба да им се овозможи и неделниот одмор и тоа каде што е можно во денот недела, или пак друг ден во текот на тековната недела, согласно закон. ЕУ има предвид декка целокупната грижа за безбедност и здравје при работа на младите работници придонесува во социјалната димензија на внатрешниот пазар, па затоа е од значење на ниво на самата Унија.
Во Македонија иако добар дел од овие предизвици се опфатени во постојните законски решенија, младите работници до 29 години се во незавидна ситуација. Се соочуваат со дискриминација при вработување и во рамки на работен однос, чето работат непријавени, односно не им тече стаж, па според тоа немаат можност да користат законски годишен одмор, често пати ниту неделен одмор, работат во недела и за време на празници без да добијат соодветен надоместок за тоа, а вообичаено работат и ноќна работа, без да се достоинствено платени.
Според ова, дали сме блиску до европскиот просек во оваа област и на кој начин ќе ги задржиме младите во земјава е навистина значајно прашање кое треба да се реши со сериозни политики и применливи законски решенија.
Тимот на Јуридика