И покрај големиот број на загинати на работните места, тие сакаат да го зголемат работното време
Автор: Бобан Илијевски
Во услови кога Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на несреќи на работно место, власта зборува за зголемување на часовите за прекувремена работа?!
Каква-таква, барем работниците имаат некаква полза од неа
Пред една и половина година беше донесено законското решение за недела неработен ден. Пред да биде поднесено во Собрание претрпи голем број на измени, од кои дел од синдикатите и невладините организации кои се борат за работнички права не беа задоволни. Факт е дека се направи грешка што се определија различни надоместоци за исти дејности – на пример, вработените во угостителските објекти кои не се во трговските центри земаат 50 % поголема дневница, а оние кои во истите, 100 %.
И покрај се, законското решение функционира и во пракса, барем според моите сознанија и она што го гледам на терен.
Сепак, на Вицепремиерот Артан Груби не му одговара ова работничко прво, па сака да биде укинато или изменето. Дел од синдикатите сметаат дека ваквата изјава на вицепремиерот е поттикната од стратешкиот проект и тенденцијата да се зголеми прекувремената работа, што има смисла.
Министерката за труд Јована Тренчевска најави дека ќе се утврди горна граница со новите законски измени на Законот за работните односи, но според последните информации од ресорното Министерство, консултациите се во тек.
60 часа работна недела, но не за сите?
По повод одбележувањето на 28 април – Меѓународниот ден на безбедност и здравје при работа, Министерката Тренчевска пред настанот во Битола, во изјава за медиумите рече дека со измените и дополнувањата на Законот за работните односи кои се однесуваат на коридорите 8 и 10д и 60 часовната работна недела, се предвидува ангажирање на работници за прекувремена работа со нивна согласност. Таа нагласи дека оваа одредба би била неуставна само доколку би важела за сите работници.
Мислам дека тука станува збор за психолошка игра, бидејќи преку пораката којашто се пренесува, на работниците им се кажува, ако сакате повеќе пари треба да работите 60 часа. Знаат дека луѓето немаат пари и дека се ќе направат за да заработат повеќе на оваа криза за своите семејства и поради тоа играат со ваква стратегија.
22-јца загинати на работно место минатата година
Како што веќе напоменав, вчера беше Меѓународниот ден на безбедност и здравје при работа. Претставници од Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, синдикатите, а оваа година и претставници на Меѓународната организација на трудот и Меѓународната конфедерација на синдикати, засадија 22 дрвца во паркот во Ново Лисиче во знак на почест на 22-јцата загинати работници.
Податоците кои ги презентираа вчера од МЗЗПР, покажуваат дека во европските земји просекот на починати на работните места изнесува 2,11 % на 100,000 жители, а во Македонија 3,17. Со ова, Македонија е една од најризичните земји за работниците.
Уште еден фрапантен податок е и дека несреќите при работа, Македонија ја чинат 4 % од Бруто домашниот производ, а тоа во пари се 400 милиони евра годишно.
После сето ова, властодршците треба да го стават прстот на глава и да размислат каде тераат.

