ЕкономијаМакедонија

Каде се најскапи становите во Европа и КАДЕ Е МАКЕДОНИЈА

Кириите и цените на недвижностите ќе продолжат да растат во Германија и следната година, покажува студијата на консултантската компанија Делоит.

Студијата, исто така, утврди дека, во меѓувреме, Минхен стана вториот најскап град во Европа за купувачите на недвижности, веднаш зад Париз.

Според наодите на Делоит, „може да се каже дека изградбата на нови имоти во Германија се уште е под европскиот просек“.

За да се подготви секторската студија, која беше објавена во петокот, експертите ги споредиле податоците од 68 градови во 23 европски земји. Шефот на одделот за недвижности на Делоит во Германија, Михаел Милер, потврди дека цените на градежништвото пораснале низ цела Европа.

Нарушените синџири на снабдување и недостигот на материјали ги зголемуваат ризиците при планирањето и спроведувањето на градежните проекти.

Цените во градежништвото се поттикнати од недостигот на работна сила и општата инфлација. Сепак, порастот на каматните стапки може да ја забави побарувачката и растот на цените, рече Милер.

Во Минхен, според нив, купувачите минатата година морале да платат во просек по 10.500 евра за метар квадратен за стан во нова зграда. Поскап е само Париз со 13.462 евра.

Лондон, Осло и Франкфурт се по 8.400 евра. Во Амстердам квадратот бил 7.600 евра, а во Копенхаген 7.300 евра. Во Хамбург, според студијата на Делоит, купувачите платиле 6.900 евра, во Берлин 6.500 за квадратен метар станбена површина.

Од друга страна, поволно било во бугарските црноморски градови Варна и Бургас, каде нов стан можеше да се купи во просек за 900 евра за метар квадратен.

За спордба во Скопје цените за метар квадратен веќе одамна не се под 1.000 евра и веќе скокнаа на 1.500 но и 1.800 евра.

Според податоците од тековните огласени цени за становите на продажба преку агенциите за недвижности по случаен избор, стан од 60 квадрати на најатрактивните локации во Скопје кој се продава по цена од 1.800 евра за квадрат.  Стан во Охрид од 63 квадрати, цената е 1.450 евра, а меѓу огласените станови за продажба има и по цена од 1.080 евра.

Кога станува збор за месечната кирија, најскап бил и Париз со 29,19 евра за метар квадратен, а потоа следуваат Осло, Лондон и Амстердам. Минхен е на десеттото место, со 18,90 евра. За Франкфурт, Делоит утврдиле дека просечната кирија е 15,90 евра за метар квадратен, во Берлин е 14,30, а во Хамбург 13,60.

По бројот на станови, Германија е на третото место со 43,1 милион или околу 51.800 станови на 100.000 жители. Селоит, пак, смета дека има потенцијал кога станува збор за нова градба, бидејќи лани на 100.000 жители биле изградени само 372 стана, а на 299 почнале да се градат.

Во многу земји приемот на бегалци од Украина се почувствува на пазарот на домување, а најмногу во Полска, Словачка и Унгарија.

„Во вториот квартал од 2022 година, понудата на станови за изнајмување се намали, бидејќи многумина беа искористени за сместување на украинските бегалски семејства“, се вели во студијата на Делоит.