Еве како да дознаете дали работите на токсично работно место – 10 знаци и совети
Токсичната работна средина е повеќе од работата што ја „мразиш“. Вака веб страната careercontessa.com го започнува својот блог за токсична работна средина.
Сите ние имаме лоши денови на работа, недели полни со предизвици, па дури и месеци полни со разочарување. Сето ова е дел од една кариера. Сепак, лошите денови на работа поминуваат, а предизвиците и разочарувањата се надминуваат и од нив се учат доста добри работи.
Работната средина е токсична кога сите овие предизвици и проблеми се повторуваат секој ден. Непристојни коментари од страна на шефот или колегите, претерано микро-менаџирање, преголема агресија, озборувања… се дел од работите кои еден работник ги искусува секојдневно на своето работно место. Токсично работно место.
Верувам дека многу од оние коишто го читаат ова, биле или се во токсична работна средина, а можеби некои и не знаат дека се наоѓаат, па поради тоа со вас ќе споделам десет знаци според кои можете да препознаете дали работите во токсична работна средина.
1. Недостиг или лоша комуникација
Недостигот на комуникација е еден од најголемите показатели дека работите во токсична работна средина. Со тоа што има недостиг од неа, самото по себе значи дека е и лоша комуникација. Тоа укажува дека самиот менаџер во компанијата се гледа себеси како единствениот којшто треба да дава насоки и дека целиот процес треба да се базира на еднонасочна комуникација.
Во продолжение уште неколку знаци на лоша комуникација:
- Севкупниот недостиг на комуникација е главен проблем;
- Неубаво објаснување на проектите;
- Различни вработени добиваат различни пораки;
- Пасивно – агресивна комуникација;
- Слаби вештини на слушање;
- Постојана комуникација вон работното време;
Совет: Доколку во вашата компанија има лоша комуникација, држете се цврсто. Се наоѓате во токсична работна средина која ќе се влоши со текот на времето.

2. Детско однесување, исклучување и озборување
На сите ни е познато како изгледа детското однесување. Знаеме дека некои деца или возрасни луѓе, се собираат во една група којашто постојано се држи заедно и си ги земаат кафињата, се смеат на шеги и го исклучуваат секој оној којшто не е по нивна „мера“.
Овој начин на однесување е контрапродуктивен на работните места. Добро е да се има пријатели или познаници на работа, но треба да се избегнува вакво однесување. Најдобро би било да се држите настрана од вакви групи и силеџии.
Еве неколку предупредувачки знаци за горенаведеното:
- Постојано чувство на исклученост од група на луѓе;
- Специфична група на вработените кои заедно јадат, пијат кафе и заедно организираат „happy hours“;
- Проектите им се даваат на одредена група на работници, без разлика на талентот или искуството;
- Поголемиот дел од работното време поминува во шепотење или разговарање на платформите за размена на пораки;
- Генерална незаинтересираност на одредена група кон друг вработен, доколку не вклучува озборување или „драма“.
Совет: Избегнувајте вакви групи и оговарања. Не се впуштајте во нив. Местото не им е на работа.
3. Токсичните работни места имаат лошо лидерство
Шефовите носат најголема одговорност за тоа што токсичните работни места се такви какви што се.
Според careercontessa.com, постои една стара поговорка која вели: „Не ја напушташ работата, туку лошиот шеф“. Факт е дека лошото лидерство го уништува секој сегмент од организацијата. Сепак, тука треба во предвид да се земе зошто менаџерот ја направил работната средина да биде токсична.
Понекогаш лошиот шеф е производ на неговиот лош шеф. Генерациската хиерархија на лошо лидерство е тоа што ја прави работната средина токсична за вработените.
Лошите шефови имаат различни карактеристики. Можеби имате шеф кој постојано ве микро-менаџира, односно постојано ве поправа за нешто, ги потценува вашите одлуки и не ви дозволува да ја вршите вашата работа.
Можеби имате шеф кој своите грешки ги префрла на друг. Или можеби имате шеф кој нема никаква почит, па ви испраќа мејлови и вон работното време, заборава како се викате и не знае што работите.
Совет: Најдоброто што можете да го направите е да си побарате друго работно место, бидејќи тешко дека некогаш вашиот шеф ќе го смени своето однесување.
4. Токсичните работни средини ги демотивираат работниците
Кога ќе се најдете во работна средина, во која „врие“ од демотивирани колеги, тоа, кога-тогаш, ќе се одрази и врз вас. Очекувајте дека доколку се најдете во таква средина, кај вас да се појават две реакции:
- Ќе ги работите и работните задачи на оние коишто не го прават тоа и ќе се соочите со синдром на согорување;
- Недостигот на мотивација ќе ве обземе и вас и ќе се соочите со т.н. boreout синдром, односно синдром на досада.
Можеби за демотивираноста е виновен менаџментот, можеби лошата организација или незадоволството од лидерството. Без разлика за која причина од овие и да станува збор, вие работите во токсична работна средина.
Совет: Ништо не можете да направите во врска со ова, доколку немате висока позиција во компанијата. Она што може да се случи е да се навикнете на таа средина или пак да ја надминете.

5. Токсичната работна средина го забавува растот
Доколку не искусувате раст, вашето работно место можеби е токсично.
Ако вашето работното место не ви нуди мобилност, можности за учење и надградување на вашите вештини, тоа значи дека компанијата не инвестира во растот на своите вработени.
Совет: Вашата работа не секогаш е должна да ве инспирира или мотивира. Сепак, доколку гледате дека воопшто не можете кариерно да растете на работното место, можеби најдобро е да барате друга работа.
6. Токсичните работни места имаат огромна флуктуација на работници
Големата флуктуација на работници (доаѓаат на работа, а потоа за брзо време даваат отказ) е сигурен знак дека работното место е токсично. Сепак, напуштањето на работното место е тешка одлука, особено во Македонија, каде што луѓето не можат да го преживеат месецот доколку немаат приходи.
Доколку забележите дека неколку луѓе заминуваат од работа, тогаш нешто не е како што треба.
Во случај постојано да има отпуштање на вработени, тоа може да биде знак на други токсични елементи.
Зголемената стапка на флуктуација може да значи дека во компанијата има лоша организација, лошо лидерство или малку можности. Обрнете внимание на ова во вашата компанија.
Совет: Големата флуктуација е лош знак дека нештата не се како што треба и дека дополнително ќе се влошат. Доколку можете, обидете се да зборувате со некои од вработените кои заминале или биле отпуштени.
7. На токсичните работни места нема баланс помеѓу работниот и приватниот живот
Секој работник заслужува да има време за себе и своето семејство. Секој работник заслужува да ги исклучи известувањата од апликацијата што ја користи на работа, има право и да го остави емаилот непрочитан после вечера, има право да стигне на време на стоматолог без да чувствува вина и треба да си ги искористи деновите од годишниот одмор.
Балансот помеѓу работниот и приватниот живот е клучен во преживувањето. Од ниеден човек не би требало да се очекува да биде достапен цело време. Доколку од вас се очекува да бидете постојано достапни на работа, тогаш вашето работно место е токсично. Доколку вашиот шеф бара од вас да работите на ден за одмор, вашата работа е токсична.
Совет: Добар начин за да ги одбегнете токсичните работни места е да поставите здрави работни граници. Доколку истите не бидат прифатени од другата страна или доколку не можете да се договорите околу нив, тогаш работното место не е за вас.
8. Токсичните работни места ве согоруваат
Синдромот на согорување е повеќе од жаргонски збор што се користи на работните места. Истиот е признат од страна на Светската здравствена организација како легитимна медицинска дијагноза.
Согорувањето може да биде знак на токсична работна средина, но и работна средина која не „функционира“ за вас.
Во продолжение ви пренесуваме три видови на согорување на работното место:
- Френетично согорување: Френетичното согорување го искусуваат вработените кои вложуваат огромна енергија во нивната работа со надеж дека исходот ќе биде награден. После подолг период континуирана и посветена работа, работникот не ги доживува позитивните исходи што ги замислил.
- Согорување од досада: Овој вид на согорување се појавува кога вработениот не гледа предизвик во работата и истата му е досадна. Неможноста да најде сатисфакција во работата, го доведува работникот во лошо расположение.
- Worn-out согорување: Работник кој дал отказ откако бил подложен на константен стрес долго време. Поради тоа што не бил наградуван и ценет, овој вид на работник не гледа никаква надеж во работното место.
Совет: Доколку сте доживеале еден од овие три видови на согорување, треба веднаш да заминете од работното место.
9. Во токсичните работни средини нема напредување
Доколку увидите дека некогаш работното место сте го опишувале како „Одлично“, а сега не можете да пронајдете добар збор за него, тогаш тоа е токсично. Мала е веројатноста дека и на истото можете да напредувате.
Во случај да целосно е сопрено вашето движење во компанијата, тоа вообичаено е симптом на поголем проблем.
Совет: Доколку не можете да напредувате во вашата кариера, можеби е време да дадете отказ.
10. Токсичното работното место создава лошо чувство во стомакот
Доколку вашата интуиција ви вели дека работното место е лошо, тогаш сигурно е лошо. Ако вашата анксиозност е преголема, доколку се соочувате со дискриминација и вашето физичко здравје е загрозено, тоа е голем проблем.
Совет: Верувајте му на чувството во стомакот. Доколку ви треба друго мислење обратете се на некој пријател/ка или сакан/на. Сепак, запомнете дека тоа чувство е вистинско.
За на крај, неколку карактеристики на апсолутно непријателска работна средина:
- Сексуално вознемирување;
- Недостиг на инклузија;
- Коментари за сексуалната ориентација, расата или попреченоста на некој вработен;
- Немањето на сектор за човечки ресурси (во компанија поголема од 15 до 20 луѓе, тоа е проблем);
- Силеџиство;
- Група на луѓе во конфликт со друга група на луѓе.
Фото: Freepik

