Како ќе успеат постарите од 55 години да најдат работа во ера на дигитализацијa?
Последните статистики на Агенцијата за вработувања за јануари, февруари и март 2021 година покажуваат дека има зголемување на невработеноста кај лицата на возраст од 55 до 59 години. Според експертите, тоа се должи на ограничената можност да влегуваат во флексибилни и дигитални форми на вработување.
Проф.д-р Лазар Јовевски, експерт од областа на трудот вели дека според последните статистики на Агенцијата за вработување, заклучно со 31.03.2021 година, невработеноста кај лицата постари од 55 години бележи раст.
„Се чини дека оваа старосна група на граѓани прават најголем дел од процентот на невработени во Македонија. Ако предходно беа младите, сега очигледно имаме одредени поместувања во рамките на структурата на невработеноста“, рече Јовевски.
Тој потенцирајќи дека лицата над 55 години старост релативно тешко наоѓаат работа, рече дека тоа се должи пред се заради ограничената можност да влегуваат во флексибилни и дигитални форми на вработување, како и поради возраста.
Од друга страна, вели Јовевски, искуството е нивна карактеристика, но сепак е недоволна за да имаат поголема можност за поголем влез на пазарот на трудот и да бидат поконкурентни.
Јовевски смета дека за да се намали невработеноста кај лицата на оваа возраст, треба да се креираат нови активни мерки кои ќе го поддржат вработувањето на лица над 55 години старост, како и да се работи на зголемување на конкурентноста преку бесплатни реално применливи програми на професионално и стручно надоградување во рамките на концептот „Доживотно учење“. Оттука, ако ова се прави суштински, Јовевски вели дека несомнено ќе значи намалување на невработеноста кај лицата над 55 години старост.
Порталот Работник побара одговор и од Министерството за труд и социјална политика, во однос на тоа што планира Министерството да преземе за да луѓето од 55 до 59 години кои бележат најголема невработеност, бидат поконкурентни на пазарот на трудот и со тоа да бидат повработливи.
Од МТСП истакнаа дека Владата на Р. Македонија секоја година усвојува Операвитен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот во кој се содржани повеќе видови на програми/мерки за вработување наменети за различни целни групи на евидентирани невработени лица (млади невработени лица, долгорочно невработени лица, стечајни работници, постари лица, инвалидни лица и сл.). Со програмите/мерките се овозможува директно вработување (самовработување, субвенционирање и др.), односно зголемување на вработливоста (преку обуки, преквалификации и др.) на невработените лица. За да лицето од наведената целна група 50+ години се вклучи во некоја од мерките за вработување треба да е евидентирано во центарот за вработување на местото на живеење како активен барател на работа. За секоја од мерките за вработување се објавува јавен оглас и потребно е заинтересираното лице редовно да се информира или во центарот за вработување или преку веб страната на Агенција за вработување на Република С. Македонија: www.avrm.gov.mk.
Несомнено е дека структурата на пазарот на трудот се менува, со тоа што младите веќе не се на прво место по невработеност, а нивното место го зазедоа постарите на кои им е мошне тешко да ја задоволат побарувачката којашто со дигитализацијата се побарува од страна на кандидатите за работа. Од друга страна имаме иселување на младите од државата.
Во Европа, експертите велат дека 100 милиони работници ќе бидат принудени да се преквалификуваат и дообучуваат за ново занимање, бидејќи старите ќе бидат избришани или изменети како последица на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Имено, податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во првото тромсечје од 2021 година, односно гледано според месеци, во јануари имало 21,353 невработени лица на возраст од 55 до 59 години, во февруари – 21,360, додека во март – 20,177 лица.
Новинар: Бобан Илијевски
Фото: Nextavenue

