ПравдаСветот на работникот

Кога би требало функционерите да ги добијат зголемените плати, според синдикатите?

Новинар: Бобан Илијевски 

Повисоките плати вчера легнаа на сметките на функционерите. И за чудо, немаше жестоки препирања помеѓу власта и опозицијата, кои инаку знаат постојано да се расправаат.

По одлуката на Уставниот суд, платите на функционерите се зголемија за 78 %, па така сега најголема плата ќе зема Претседателот на Собранието, Талат Џафери – 166,200 денари. По него е првиот човек на државата, Претседателот Стево Пендаровски со нова плата од 165,000 денари. Зголемената плата на Премиерот Димитар Ковачевски, кој е на трето место по висината на истата, изнесува 156,400 денари. 

Платите на министрите ќе се движат од 120,000 до 150,000, а пратениците ќе земаат плата во износ од 106,000 денари. 

Опозицијата чека од власта да предложи законско решение со кое би се намалиле платите, бидејќи нивните предлози биле постојано одбивани од СДСМ и ДУИ. 

Петтина за јавниот сектор

Неодамна, Претседателот на СОНК, Јаким Неделков за порталот Работник рече дека Владата на последниот состанок од Економско – социјалниот совет им понудила на вработените во јавниот сектор платите да им се зголемуваат за една петтина од растот на минималната плата во рок од пет години, што за нив е неприфатливо.

„Тоа значи дека ако во 2024 година минималната плата би се зголемила за 10 %, вредноста на бодот нема да се зголеми за толку, туку за една петина од тие 10 %. Ова за нас е неприфатливо, бидејќи за да се дојде до целиот процент на зголемување на вредноста на бодот, ќе треба да поминат пет години“, објасни Неделков.

На Меѓународниот ден на трудот, 1-ви мај, синдикатите пред Владата уште еднаш посочија дека бараат платите да се усогласуваат согласно растот на минималната плата, а не само процент од истиот. Ги повикаа и да се откажат од зголемувањето и да го направат на раати или 78% зголемените плати да ги земат за 30 години. 

„Сега заговараат некое покачување од 2 %, за во наредните пет години да добиеме 10 %. Јас им предлагам да ја искористат таа методологија и нивните 78 % да ги добијат за 30 години“, посочи Васко Перчаковски, Претседател на Синдикатот на работниците од енергетика, индустрија и рударство, на протестот организиран од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Револтот кај работниците постајно расте. Тоа може да се забележи преку нивното иселување од земјата и практикувањето на т.н. бел штрајк на работните места – вложување на минимален труд во извршувањето на работните задачи.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk