Компаниите сѐ повеќе ги интересираат вашите вештини од вашите дипломи: Еве како да направите вашето CV се издвојува од останатите
Подготвил: Бобан Илијевски
Вработувањето базирано на вештини станува сѐ популарно кај компаниите, додека формалните квалификации, како дипломите, стануваат сѐ поневажни, пишува CNBC Make it.
Ова најмногу се должи на „тесниот“ пазар на труд кој е последица на пандемијата со Ковид -19.
Голем број на компании, сѐ уште мака мачат да ги пополнат работните позиции, а моменталниот начин на кој пристапуваат кон вработувањето ќе донесе уште повеќе предизвици. Вака гласи ставот на Су Дјук, потпретседателка и одговорна за глобалните јавни политики во LinkedIn.
„Тешкотиите со кои се соочуваме додека истовремено се обидуваме да ги пополниме работните позиции, да се справиме со економските промени и да креираме разнолика и отпорна работна сила, ќе продолжат да растат доколку не го смениме нашиот пристап кон барањето и третирањето на талентираните луѓе“, рекла Дјук.
Еден од начините на кој компаниите го менуваат нивниот пристап е преку ставање на поголем фокус на вештините, отколку на квалификациите како универзитетска диплома или претходно работно искуство. Според податоците кои LinkedIn ги споделил со CNBC Make it, 45 % од компаниите експлицитно го користат принципот базиран на вештини при барањето на кандидати, што е 12 % повеќе од минатата година.
И Даниел Пел, потпретседател и менаџер на HR tool Workday, во Обединетото Кралство и Ирска, има забележано промена.
„ХР-от премина на економија базирана на вештини“, рекол тој за CNBC Make it.
Како функционира вработувањето базирано на вештини
Вработувањето базирано на вештини може да има големи бенефити за работниците и работодавачите, вели Дјук.
„Нашето истражување покажа дека пристапот ориентиран кон вештини може да го зголеми глобалниот базен на таленти за речиси десет пати. А поголем базен на таленти значи и помала конкуренција со други компании за истите кандидати“, вели таа.
Се смета дека бенефитите од ваквиот начин на вработување се поголеми од зголемувањето на бројот на слободни кандидати.
Според Пел од Workday, организациите базирани на вештини имаат поголеми шанси да покажат поголеми перформанси од традиционалните организации, кога станува збор за иновациите, ефикасноста и приспособливоста.
Трендот, како што објаснува Пел, бил инициран од новите форми на вештачка интелигенција и производите за машинско учење кои можат да им помогнат на компаниите во откривањето на вистинските кандидати.
Уште еден голем бенефит и за работниците и за работодавачите е тоа што вработувањето базирано на вештини е витално за градење на разнолика работна сила.
„Дозволува на виделина да излезат работниците кои биле занемарени“, истакнала Дјук. Тука се мисли на луѓето кои не оделе или не го завршиле факултетот, жените и помладите генерации.
„На пример, на работните места каде жените се во помал број, пропорцијата на жени во базенот на таленти би можела да се зголеми за 24 % повеќе отколку за мажите, што води кон тоа повеќе жени да бидат вработувани“, рекла таа.
Ова ги зголемува можностите и на барателите на работа и го прави процесот на аплицирање за работа потранспарентен.
Компаниите кои се фокусираат на вештините често им даваат можности за развој на своите вработени, посочил Пел. А со тоа, работниците имаат повеќе простор да учат нови и да ги развиваат веќе стекнатите вештини, што им помага да бидат успешни на долг рок, рекол тој.
Приспособување на вашето CV
Со самото тоа што фокусот се става на вештините, се менува и пристапот во оценувањето на апликацијата за работа – промена на која ќе им биде тешко на барателите на работа да се приспособат. Сепак, можат да ја употребат и како нивна предност, велат специјалистите за регрутирање.
„Апликантите можат да го оптимизираат вработувањето базирано на вештини на тој начин што ќе се погрижат CV-то да го прилагодат на новиот принцип на вработување“, рекла Гаел Блејк, од компанијата за регрутирање „Хејс“, за CNBC Make it.
Ова не значи дека апликацијата треба да се претвори во долга листа на вештини, додала таа.
„Кандидатите треба да се погрижат CV-то повеќе да ги покажува нивните индивидуални вештини и способности; отколку само таксативно да ги набројуваат вештините кои ги бара работната позиција“, рекла таа. Примерите од праксата покажуваат дека демонстрирањето на ваквите вештини е од голема важност, посочила Блејк.
Аманда Агустин, експерт за кариера во TopResume и сертифициран тренер за кариера и пишување на професионални биографии, се согласила.
„Кога подготвувате CV базирано на вештини, важно е да го почитувате правилото: ‘покажи, не кажувај’“, рекла таа за американскиот медиум.
Доказите за тоа дека кандидатите имаат соодветни вештини може да се вметнат во апликацијата, на пример, преку додавање на потточка која го покажува вашето работно искуство, навела Агустин.
Барателите на работа ќе треба да ја променат и структурата на своите професионални биографии, со тоа што ќе додадат неконвенционални секции како „Клучни вештини“ или „Полиња на експертиза“, посочила Агустин. Ова би значело наведување на вештина, проследена со доказ дека ја поседуваат преку кратка анегдота или податок.
Според Блејк, кандидатите, преку вештините можат на компаниите да им го покажат и својот карактер.
„Кандидатите кои ќе ја поврзат релевантната вештина со својот карактер имаат повеќе шанси да го привлечат вниманието на работодавачот“, рекла таа.
Конечно и можеби најважно- за што се согласиле и Блејк и Агустин – кандидатите пред да го напишат CV-то мора внимателно да го прочитаат описот на работната позиција.
„Пребарувањето на клучни зборови во описот на работното место е корисен начин да се откријат релевантните вештини кои ги бара работодавачот“, образложила Блејк. Тие информации се клучни за CV- то да биде што е можно подобро прилагодено на работната позиција. А подобро прилагодено CV, значи и добивање на работното место.

