Крадците повеќе немаат шанси: Супермаркетите ги ловат со помош на ВИ
Илјадници продавници во Франција започнаа со примена на вештачка интелигенција со цел да ги намалат кражбите, при што софтверот во реално време ги анализира движењата на купувачите и означува сомнително однесување.
Иако трговците тврдат дека технологијата значително им ги намалила загубите, таа отвора сериозни прашања поврзани со приватноста и транспарентноста, имајќи предвид дека нејзината употреба во најголем дел сè уште не е регулирана.
Софтверот ги анализира снимките од надзорните камери во продавниците и автоматски испраќа краток видео-исечок до персоналот кога ќе детектира сомнителни гестови, како ставање производ во торба или повторено допирање на артикли без скенирање на каса. Нелсон Лопес, раководител на супермаркет во Монтреј, во близина на Париз, вели дека системот најдобро препознава криење производи, по што вработените ги следат снимките од камерите.
Сопственикот на супермаркетот, Арул Џадсон, истакнува дека во првата година од работењето без ВИ изгубил речиси 60.000 евра, додека сега загубите се преполовени. Париската аптека на Латифа Гарби плаќа 200 евра месечно за надградба на камерите со ВИ технологија, со што годишно заштедува околу 4.000 евра и го избегнува трошокот за ангажирање обезбедување.
Употребата на оваа технологија моментално се наоѓа во правна сива зона, бидејќи Франција нема закон што конкретно го регулира бихејвиоралниот надзор со ВИ во комерцијални простори, а продавниците не се обврзани да ги информираат купувачите за нејзината примена. Француското тело за заштита на податоци, CNIL, предупреди дека комерцијалната употреба на вакви камери без законска рамка не е дозволена, но софтверскиот стартап Veesion веќе има опремено меѓу 2.000 и 3.000 продавници низ цела Франција.
Извршниот директор на Veesion, Тиболд Давид, тврди дека технологијата е во согласност со GDPR и дека не врши биометриска анализа. Многу купувачи сметаат дека ВИ е алатка за заштита на бизнисите во време на раст на кражбите и животните трошоци, а корисничката Лоан истакнува дека не ѝ пречи сè додека податоците не се споделуваат.
Додека законодавците размислуваат за регулирање на ВИ надзорот, дебатата за границите меѓу безбедноста и приватноста најверојатно ќе продолжи и во наредните години.
Извор: b92.net

