Останато

Крајната цел на МОБИНГОТ е работникот да даде самиот отказ од работа

Автор: Бобан Илијевски

Тема на којашто треба постојано да се зборува, според мене, е МОБИНГОТ. Голем дел од работниците во јавниот, но уште повеќе во приватниот сектор се соочуваат со оваа појава, која може да предизвика голема штета на нивното здравје. Сепак, треба да се знае дека мобингот нема една стандардна форма, односно не е секогаш во релација работодавач – работник, туку може мобинг да му врши работникот на работодавачот, или пак еден работник да му врши мобинг на друг работник. Верувале или не, насекаде низ светот, па и кај нас се присутни сите три видови на мобинг.

Јас не сум правник и не можам да навлегувам и правнички да толкувам работи околу мобингот, но можам да се повикам на оние работи коишто сум ги научил и искусил. Оттаму, можам слободно да констатирам дека најчест облик на мобинг е оној којшто му го врши работодавачот на работникот.

Пред неколку недели бев на една мини конференција, каде што се зборуваше за Законот за работни односи. Предавачот, адвокат по професија, кога стигнавме до одредбите за мобингот, посочи дека истиот најчесто се врши со цел работникот сам да си даде отказ од работа. Мене навистина не ми е јасно зошто е тоа така. Самиот Закон за работни односи предвидува дека доколку работникот не ги извршува работните задачи како што треба, тогаш работодавачот може да му даде отказ; или пак доколку ги прекршил редот и дисциплината во компанијата и тогаш може да му даде отказ. Оттаму, не ми е јасно зошто работодавач би му вршел мобинг на работник за да излезе од работа.

Ако го земеме во предвид јавниот сектор, можеби на работникот му се врши мобинг за да излезе од работа, со цел да се вработи некој роднина на директорот или партиски послушник. Но, која е причината за тоа да се случува во приватниот сектор, и тоа во околности кога нема работна сила. Навистина не ми е јасно.

Колку што знам досега има неколку случаи на мобинг којшто се докажани на суд, со оглед на тоа дека е тешко да се докаже. Потребни се сведоци, а во приватниот сектор, доколку некој колега на работникот што бил жртва на мобинг сведочи против работодавачот, може да ја изгуби работата. Во ова време – невреме, се бројат на прсти оние коишто би ја жртвувале својата работа. Трошоците за живот постојано растот, парите речиси и да немаат вредност, па поради тоа луѓето се принудени да ќутат и работат. Сепак, има и такви коишто се охрабруваат и им помагаат на своите колеги да го докажат мобингот.

Ова е една многу комплексна материја, за којашто правниците мора да најдат начин да може подобро да се утврдува.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk