Левица: Владата низ Законот за недела неработен ден, сака да протурка нешто што нема да биде во корист на работниците
Пишува: Бобан Илијевски
Политичката партија Левица ја демантира портпаролката на СДСМ и поранешна новинарка Богданка Кузеска за нејзината изјава поврзана со недела неработен ден, односно дека ВМРО – ДПМНЕ, Алијанса и Левица ги блокираат измените на Законот за работни односи, со што покажале дека воопшто не им е грижа за работниците.
Од таму обвинуваат дека во немоќ да ја оправдаат својата неспособност, во неколку наврати безобразно манипулираат дека Левица ги блокира измените за воведување на недела за неработен ден.
„Ја известуваме јавноста дека се работи за предлог – законско решение кое се‘ уште не е ставено на дневен ред во Собрание, додека нашите пратеници не се дел од матичната Комисија, па оттаму, се работи за уште една лага на делегитимираната владејачка клика. Јасно е дека СДСМ намерно го пролонгира ветувањето, кое требаше да стане реалност од први октомври, како што најави претседателот во оставка, Зоран Заев“, се велат во демантот од Левица.
Она што всушност е новина, образложуваат од Левица, и што Владата сака да го протурка е надоместок од 2 % од вкупниот приход остварен минатата година во недела и на празници, што ќе треба да го плаќаат работодавачите доколку сакаат да обавуваат дејност во недела. Според нив, она што се најавува како придобвика за работниците, всушност е придобивка за полнење на буџетот во отсуство на било каква економска стратегија и визија на власта.
Евидентно е, посочија од работничката партија, дека социјал – демократскиот сојуз повторно ретерира пред барањата на олигархијата и четири години намерно го пролонгира носењето на вакво, повторно нецелосно, решение, притоа нагласуваат дека недела неработен ден било едно од главните предизборни ветувања на партијата на власт.
Со своја реакција излегоа и од опозициската ВМРО – ДПМНЕ истакнувајќи дека СДСМ веќе четири години ветува еден ист проект за недела неработен ден, додека во реалноста, работниците тонат во сиромаштија.
Поради неспособноста на власта, посочуваат, стандардот на граѓаните тоне од ден во ден, инфлаторната спирала расте, цените на производите во продавниците секој ден се покачуваат, а платите се трошат уште на самиот почеток од месецот.
Тешко на економијата и на граѓаните со власт чиј едниствен проект во време на ваква криза ѝ е недела неработен ден.
„Ете оваа реалност власта на СДСМ и ДУИ не сака да ја види, а која им е многу поважна и на работниците, но и на сите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ не е против неделата како неработен ден, но смета дека власта треба искрено да им каже на граѓаните дека ова решение кое го нуди опфаќа преку 40 исклучоци, што значи не ги опфаќа сите вработени“, велат од најголемата опозициска партија.
Вчера, Кузеска на прес – конференција истакна дека надлежната Собраниска комисија го усвоила предлог Законот за работни односи и дала зелено светло од први јануари да започне да се применува законското решение за недела неработен ден. Порача дека во интерес на работниците, очекуваат Законот да биде усвоен и на пленарна седница.
„СДСМ стои зад работниците, сакаме заеднички да овозможиме позадоволни и попродуктивни работници и работнички на пазарот на труд од кои придобивки имаат сите. Недела неработен ден и поголема минимална плата се социјалдемократски политики и затоа СДСМ со партнерите од Владата поднесе и силно ги поддржува измените на законите во интерес на работниците“, рече Кузеска.
Порача дека право на синдкатите е на свој начин да се борат за остварување на овие права и дека тие како нивен партнер тоа го поддржуваат.
Инаку, според одредени познавачи на трудовото законодавство, законското решение не е во насока недела да биде неработен ден, туку поплатен ден.
За потсетување, дел од синдикатите и граѓанските здруженија сметаат дека со ова законско решение недела ќе биде неработен ден за мал дел од работниците, со објаснување дека истото покрај основните дејности ги опфаќа и помошните и придружени дејности кои би работеле во недела.
Конкретно, неодамна од Здружението за заштита на работнички права „Гласен Текстилец“ рекоа дека:
„Во самите законски измени има празнина во делот на дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности, а кои ќе се уредуваат со посебен правилник од страна на Министерот за труд и социјална политика во рок од 60 дена по донесување на законот. Во тој правилник повторно можат да бидат додадени дејности, под притисок од капиталот, кој очигледно ги крои законите во нашата држава. Намерно се оставаат правни празнини во законското решение кои би се прецизирале во правилник во кој не смее да се регулира материја која треба да се реши со закон, а не со подзаконски правен акт“.
Фото: Mathias P.R. Reding/ Pexels

