СветСветот на работникот

Листа на најниско платени работни места во Германија: Платите ги изненадуваат и самите Германци

Иако се клучни за секојдневното функционирање на општеството, многу професии во Германија и понатаму се слабо платени. Работниците во чистење, земјоделство и угостителство се наоѓаат на врвот на листата со најниски примања, и покрај нивната значајна улога.

Во време кога трошоците за живот постојано растат, за многумина е тешко да замислат дека постојат занимања од суштинско значење за општеството, а сепак не се соодветно платени.

Токму таква е состојбата во Германија, каде голем број работници едвај успеваат да ги покријат основните животни трошоци.

Според податоците пренесени од германскиот портал „wmn.de“, меѓу најниско платените работни места се оние во чистење, земјоделство, угостителство и туризам, како и во текстилната индустрија и производството на храна.

Иако овие професии се неопходни за секојдневното функционирање на општеството, нивните примања често не го следат нивното значење.

На самото дно на листата се работните места во чистење, со просечна бруто плата од околу 2.493 евра месечно за полно работно време.

Следуваат работниците во земјоделството со околу 2.531 евра, додека вработените во туризмот и угостителството во просек заработуваат околу 2.634 евра. Меѓу послабо платените се и занимањата во хортикултурата, текстилната и кожарската индустрија, како и работниците во производството на храна.

На листата се наоѓаат и продавачите, работниците во завршните градежни работи, како и оние кои работат во обработка на пластика и дрво, додека возачите се на нејзиниот врв со просек од околу 2.999 евра месечно, што и понатаму се смета за релативно ниска плата за германски услови.

Причините за ваквите разлики во заработките не се едноставни.

Иако овие занимања се од суштинско значење, тие често се потценети и недоволно вреднувани на пазарот на труд, па затоа не носат соодветна финансиска надомест.

Како едно од можните решенија се споменува зголемување на минималната саатнина, која моментално изнесува 12,41 евра. Исто така се разгледува и воведување безусловен основен доход, кој би им обезбедил на сите граѓани одредено ниво на финансиска сигурност, без оглед на вработувањето.

Сепак, експертите посочуваат дека клучниот проблем е сѐ помалата застапеност на колективните договори – во моментов само околу 43 отсто од вработените во Германија работат под вакви услови, а тој број е во опаѓање.

Поради тоа, како пореално решение се наметнува воведување минимални плати по сектори, што би можело да обезбеди поправедни услови за работа.

Во исто време, се укажува и на проблемот дека одредени компании опстојуваат благодарение на ниските плати и државните субвенции, што во пракса значи дека даночните обврзници индиректно ја покриваат разликата.

Без системски промени и појасни правила, предупредуваат аналитичарите, тешко е да се очекува долгорочно одржлив и праведен модел на пазарот на труд.

Извор: M.A./EUpravo zato/kurir.rs