ПравдаСветот на работникот

Мерење телесна температура при влез во работните простории

Мерење телесна температура при влез во работните простории
Една од мерките за спречување на ширењето на новиот коронавирус- Ковид-19 која беше воведена при влез во болници, молови, училишта, фирми, институции и сл. беше мерење телесна температура. Во целата паника, сите овие институции назначија лица кои на влез имаа обврска да мерат телесна температура на сите кои влегуваат во објектот. Но, што
вели законот по однос на ова прашање?
Согласно Законот за заштита на правата на пациентите, член 4 (2), „2. ”Медицинска интервенција” е секој преглед, третман или друга активност со превентивна, дијагностичка, терапевтска цел или со цел за рехабилитација што ја презема овластен здравствен работник“, што значи дека температура има право да мери здравствен работник, а не кое било лице на кое тоа му е дадено како усна обврска. Ова пак значи дека лицето има право да прифати или одбие определена медицинска
интервенција согласно член 14 од истиот закон:
„Пациентот има право да прифати или да одбие определена медицинска интервенција, освен во случаите на медицински интервенции чие одложување или непреземање би го загрозило животот и здравјето на пациентот, односно животот и здравјето на други лица или би предизвикало привремено или трајно оштетување на неговото здравје, односно здравјето на други лица. Прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција пациентот го изразува со потпишување на изјава.(…)“
Па, сега се поставува прашањето, дали имате потпишано изјава дека се согласувате да биде извршен преглед (во овој случај- мерење температура) врз вас при пристигнување на
работното место?
Ако се најдете во позиција да добиете наредба од претпоставен да мерите температура на вработените при влез во работните простории, а притоа не сте овластено медицинско лице, имајте предвид дека согласно кривичниот законик на Република Македонија, наредбата на работодавачот што претставува повреда на законот, работникот е должен да ја одбие. Во спротивно и тој се смета за сторител на кривично дело. Исто така, треба да се знае дека активностите кои ги спроведуваат работниците треба да бидат опишани во нивниот опис на работно место. Дали во него стои и мерење температура?
Тимот на Јуридика