ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Мизо: Без работна пракса, не може да се најде добро платена работа

Вчера во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма гости беа, директорот на компанијата Џонсон Мети, Боријан Борозанов, Виктор Мизо од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство и Универзитетскиот професор Борче Треновски.

Една од темите коишто беа дискутирани беше и недостигот на кадар и минималната плата.

Директорот на Џонсон Мети, Боријан Борозанов истакна дека недостигот на работна сила е светски феномен. Не е нешто што е специфичен случај во Македонија и само во оваа држава тоа се случува

Ние како работодавачите, рече тој, треба да се потрудиме многу повеќе за да ја добиеме таа работна сила што ни одговора и е приспособена за нашиот работен процес. Посочи дека платата е само еден од сегментите и дека вкупното вклучување на вработените вклучува и други алатки за мотивација.

„Јас би потенцирал тука – континуирани обуки и развој на талент како свесен процес. Значи, тоа не треба да биде оставено на случајност. Ако се вратиме еден чекор за тоа каде е гапот, еве ќе ви кажам неколку бројки. Ако имате, на пример, помеѓу 12 и 20 дипломирани хемичари на годишно ниво или ако имате вкупна бројка од можеби 200 до 300 машински инженери на годишно ниво или 50 автоматичари што ги произведуваат универзитетите, што и да направиме ние како компании, тука можностите се лимитирани“, рече Борозанов.

Тој се согласува дека вкупната компензација треба да биде поголема. Тренингот треба да биде светска класа, но потребна е почетна точка за да се има консензус за тоа какви профили и индустрија се развива. Ова е тема, како што вели тој, на која години наназад нема согласност, затоа што за да се креира една таква образовна инфраструктура потребни се многу години.

Потенцираше дека Џонсон Мети е главниот чинител тука и дека дуалното образование не е единствениот сегмент кој ги опфаќа техничарите како профили.

„Зошто да немаме амбиции да креираме доктори на науки по хемија, индустриски инженеринг итн. Ние имаме таква амбиција, имаме активни програми за практиканство, за стипендирање на талентирани студенти и ќе ги засилиме во иднина, но повторно фазата е релативно ниска и тука ни треба поддршка од страна на државата“, рече Борозанов.

Виктор Мизо истакна дека не е важен само квантитетот, туку и квалитетот на технички кадри коишто на годишно ниво завршуваат на универзитетите во Македонија, без разлика на тоа дали се електро или машински инженери, а во случајот на Џонсон Мети и хемичари се потребни, а во случајот на некои други компании, потребни се и софтверски инженери и програмери.

Квантитетот на луѓе кои ги завршуваат овие студии континуирано паѓа во изминатиот период, рече Мизо.

„Јас сум вклучен, и лично и како компанија, во Советот за акредитација при Машинскиот факултет каде што даваме препораки кој вид на профили и каков вид на специфични сегменти на самата образован програма треба да бидат адаптирани според потребата на индустријата“, рече Мизо.

Она што според него е важно пред се, е младите луѓе кај нас, наместо да одат на пракса после втората или третата година, посебно од техничките факултети кои сакаат да одат во Германија и да работат во Мекдолнадс или сакаат да одат на work and travel во Америка. Со тоа, мислат дека ќе стекнат некое меѓународно искуство и ќе заработат пари, но ако немаат никакво работно искуство, летна пракса… „Еве јас сум живеел и сум студирал во Америка и технички факултети. Без работна пракса таму, никој нема да ве прими на работа. Не само тоа. Праксата за време на летото ви е најдобар вид на интервју. Компанијата ве интервјуира вас, вие ја интервјуирате компанијата и врз основа на таа летна пракса, по завршувањето, на крајот на август почетокот на септември, после вашата трета година можете да добиете понуда за работа и вие четвртата година ќе ги лоцирате вашите работни активности на учењето знаејќи дека веќе имате работа која ве чека“

Во нашиот случај, вели тој, има неколку компании кои нудат такви летни пракси и тие се платени, но мал број на студенти сакаат да одат на летна пракса.

Дополнително постои проблемот и на мобилноста на работната сила во Македонија. Сите сакаат да дојдат во Скопје и да останат во Скопје. Одење на се што е триесетина километри подалеку од главниот град се перципира како да се оди некаде премногу далеку. Она што е многу важно е да младите инженери или оние кои се пред крај на својата едукација да размислуваат каде сакаат да работат врз основа на компанијата, можностите за развој, кариерен развој, производот и технологијата кои се таму лоцирани, а не само да се работи во било која компанија, без да се направи една анализа, бидејќи не се сите исти.

Минималната плата, Мизо вели дека треба да се базира на две основи – прво, продуктивноста на трудот, а второ е пазарот, она што значи понуда и она што значи побарувачка.

Според него, прво треба да се види која е целта на зголемувањето на минималната плата. Дали е во прашање политика, дали е тоа подобрување на конкурентноста на компаниите кај нас, дали тоа значи подобар стандард за работниците, но истовремено каква ќе биде нашата конкурентност во однос на поширокиот круг со другите земји, со кои се трудиме да привлечеме странски инвестиции.

„Во некои дејности, без разлика дали се странски или домашни компании, таа минималната плата од 18,000 денари можеби претставува проблем, а во некои компании не претставува проблем. Треба да се направи сегментација“, вели Мизо.

Тој рече дека минималната плата на ниво на држава е многу специфична – во Скопје, Ресен и Делчево, нема исти трошоци за живот, но треба да се исплати иста минимална плата. Тоа е дебата која треба да се отвори малку пошироко, а не да биде дадена само како бројка која е одлучена врз основа на некоја статистика 60 % од просечната плата.

Мизо подвлече дека не е само платата – во случајот на странските компании удел има и транспортот, храната, обуките и сите оние други работи коишто се вложуваат во работникот. Тоа значи дека вкупниот трошок на месечно ниво е многу поголем на бруто основа, од тие четириесетина илјади денари.

Борозанов додаде дека административното зголемување на платите, може да предизвика несакани ефекти. Како пример за тоа, ја посочи Романија која токму поради ваквиот начин на зголемување на платите, изгубила странски инвестиции, односно некои од странските компании заминале од таа земја.

Универзитетскиот професор Борче Треновски рече дека според студијата којашто ја направиле, речиси во секоја земја од регионот има две тенденции: раст на минималната плата и пад на продуктивноста. Нагласи дека во Македонија од 2016 година, но и претходно, има пад на продуктивноста и тоа не може да се занемари како факт во контекст на минималната плата.

Треновски посочи дека има една формула која покажува дека минималната плата во Македонија треба да изнесува 14,800 денари, потенцирајќи дека не е против зголемувањето на минималната плата. Исто така рече дека гледано од социјален аспект, во однос на подигнување на стандардот е друга страна на монетата.

Според него, во Североисточниот и Источниот регион и Полошкиот регион, минималната плата стигнува до 89 – 90 % од просечната плата во преработувачката индустрија. Во Скопје е 42 % од просечната плата, а во дел од регионите стигнува и над 70 %.