СветСветот на работникот

Милениумците сега и официјално ја водат иднината на бизнисот: Очекувајте хаос, сочувство и прегорување

Милениумците сега и официјално го презедоа кормилото на иднината на бизнисот, и тоа не само симболично. Според најновиот извештај на Glassdoor, генерацијата милениумци до крајот на јуни 2025 година ја надмина Генерацијата Х како најбројна група менаџери во американската работна сила. Оваа генерациска промена не е само демографска занимливост, туку потенцијално голема промена во начинот на кој се водат компаниите, бидејќи милениумците носат поинаков стил на управување. Израснати со интернет, постојана достапност и „култ на продуктивност“, тие сега ги креираат правилата на игра.

Нова генерација шефови – повеќе емпатија, но и повеќе стрес

Милениумците се познати по тоа што во фокусот на управувањето ставаат емпатија, благосостојба на вработените, флексибилност и ментално здравје. Тие ја популаризираа работата од дома, отворено зборуваат за анксиозност и терапија, и често се обидуваат да им бидат и ментори и пријатели на своите тимови. Сепак, иронијата е во тоа што токму тие, генерацијата на емпатија, денес се најмногу под стрес.

Всушност, бројот на спомнувања на прегорување (burnout) во рецензиите на Glassdoor е зголемен за дури 73% во однос на претходната година. Милениумците носат одговорност за тимовите, но и за семејството, децата, постарите членови на домаќинството, бидејќи токму сега влегуваат во т.н. „сендвич фаза од животот“. И тоа полека ги турка до граница на пукање.

Добија тим, но не и обука

Голем број милениумци признаваат дека никогаш не добиле вистинска обука за управување. Многумина се чувствуваат неподготвени за предизвиците што ги носи водењето тимови низ генерациски микс, брзи промени и хибридни модели на работа. Покрај тоа, просечниот број на вработени што одговараат на еден менаџер речиси се удвоил, што дополнително го зголемува притисокот.

А додека пропагираат сочувство, не сите милениумци се дораснати на предизвикот. Некои избегнуваат тешки разговори, тешко поставуваат граници и, како што велат нивните критичари, понекогаш премногу се трудат да бидат „кул шефови“ – оние кои повеќе личат на пријатели отколку на лидери. Тоа доведува до замаглени очекувања, лажно чувство на сигурност и шок кога работите ќе станат сериозни.

Чувствителноста како валута на менаџментот

Даниел Жао, главен економист на Glassdoor, истакнува дека менаџментот денес сè повеќе се опишува со поими како „почитување на границите“, „емпатија“ и „грижа за добросостојбата на вработените“. Тоа не значи дека милениумците се нужно подобри лидери – туку дека очекувањата на вработените пораснале. Стандардодот за она што се смета за „добар шеф“ е значително повисок отколку порано.

Жао забележува и дека ситуацијата меѓу работниците е сè уште далеку од идеална, но дека, барем засега, работите не се дополнително влошени. Сепак, се чини дека состојбата што ја опишува е, во најдобар случај, просечна. Или како што би рекла Генерацијата З: „mid“.

Помеѓу сочувство и хаос

И покрај напорите да се изгради доверба, разликите меѓу генерациите се сè уште присутни. Истражувањето на Deloitte покажува дека не сите припадници на Генерацијата З не чувствуваат дека се признати и ценети, а самите милениумци велат дека им требаат повеќе повратни информации, ментори и можности за развој.

Така милениумците балансираат помеѓу емпатијата и авторитетот, помеѓу улогата на „кул шеф“ и лидер со јасни очекувања. И токму тука понекогаш доаѓа до краток спој.

Жао заклучува дека линијата по која милениумците денес одат е исклучително тенка и дека се наоѓаат во неблагодарна ситуација: на врвот на кариерата, но и под огромни притисоци на приватен и деловен план.

И покрај сите предизвици, тие се сега тие кои водат и одредуваат како ќе изгледа работниот свет во наредните години. Дали е тоа свет полн со емпатија и флексибилност, или само нова верзија на истиот стрес во поинакво пакување, останува да видиме.

Извор: BIZLife.rs