(АУДИО) Младите и нивната (не)самостојност
Постојано зборувам на слични теми којшто најчесто се поврзани со работничките права, односно работните односи. Во оваа колумна би сакал да отворам една тема, за којшто многу малку се зборува во Македонија, а која е поврзана со стандардот и платите.
Во Западна Европа и Соединетите американски држави, пракса е да откако ќе наполниш 18 или 21 година, да се запишеш на факултет и да се преселиш во студентски дом. А, откако ќе дипломираш, да се преселиш во свој стан, најчесто изнајмен, и да се вработиш. Во случајот на САД, со оглед на тоа дека е голема држава, има случаи каде децата живеат илјадници километри подалеку од родителите. Овој начин на живот, според мене, е еден од најдобрите, бидејќи ти овозможува да бидеш самостоен човек којшто ќе научи да заработува, но воедно и да штеди. На тој начин можеш да се научиш да се грижиш за себе, да готвиш, да пеглаш и ред други работи кој тешко дека ќе ги научиш доколку останеш со родителите (се разбира има и исклучоци).
Но, да бидеме реални. Во државите од Западна Европа, Скандинавија и САД има висок стандард и големи плати, па тамошните млади луѓе можат да си дозволат да изнајмат стан. Економските последици од пандемијата го прекинаа делумно овој процес, но по завршувањето на истата, убеден сум дека повторно ќе се вратат на истиот терк.
Во Македонија, според одредени показатели, просечната возраст кога луѓето се иселуваат од дома е 30 години, но исто така има голем број на случаи, кога младите се принудени да останат да живеат со своите родители, бидејќи немаат доволно финансиски средства за да си дозволат да земат стан под наем, а некои пак поради тоа што не можат да најдат работа (патем, тука не мислам на оние коишто не сакаат да работат). Стандардот во Македонија не им дозволува на младите да се осамостојат, а од друга страна тука се и оние вредности од минатиот век, кои „наложуваат“ дека децата треба да останат со своите родители за да се грижат за нив. Јас лично не се согласувам со ова. Сметам дека секој оној којшто може, треба да се одвои од своето семејство и да почне свој поединечен живот.
Има доста луѓе коишто живеат одвоено од семејствата, но тие најчесто се во големите градови, како што е Скопје. Младите од помалите градови, тоа не можат да си го дозволат, бидејќи немаат услови, се разбира, финансиски.
Тука исто така морам да споменам дека уште еден фактор којшто влијае на не можноста младите луѓе да имаат одвоен живот од своето семејство е несигурноста на работните места. Колку и да сакам да го избегнам овој аспект, не можам, бидејќи е еден од најважните. Познато е дека најголемиот број на млади луѓе се вработени на договори на определено време, па и на авторски договори и често се случува, да поради одредени причини, овие договори да не им се продолжат, па да останат без работа, а со тоа да останат и без приходи. Ова предизвикува страв кај нив да започнат сопствен живот, па затоа решаваат да останат со своите семејства.
Заклучокот е дека државата мора да ги стимулира младите, за да имаат можност да започнат сопствени животи, односно да станат самостојни. Треба да вложува во нивната иднина, бидејќи тие се оние коишто ќе ја предводат истата. А, младите коишто имаат шанси да живеат сами, а се уште се двоумат, мислам дека треба да го преземат тој ризик, бидејќи се исплати. Исто така, родителите треба да сфатат дека нивните деца ќе бидат многу посреќни доколку си ги носат самите своите одлуки, барем тоа е моето мислење кое и не е морално да се земе во предвид.

