„На компаниите не им се потребни задолжувања, туку финансиска инекција за зачувување на сите работни места“
Парламентот го изгласа петтиот пакет на мерки, после речиси три месеци политички препирања. Од Управата за јавни приходи велат дека работодавачите и самостојните вршители на дејност барањата за поддршка за плата од петтиот сет мерки ќе може да ги поднесуваат до УЈП откако ќе бидат објавени и ќе стапат во сила законите и подзаконските акти. Крајниот рок за аплицирање е 30 април.
Петтиот пакет мерки задоцни, но сепак ќе му се најде на бизнис секторот
Од бизнис секторот сметаат дека, иако петтиот пакет мерки е донесен со задоцнување, сепак ќе помогне дел од компаниите да се откажат од отпуштање на работници, а дел од компаниите кои во изминатиот период имаат отпуштено работници ќе размислат дали да ги вратат повторно во работен однос, за да можат да ја добијат финансиската помош за февруари и март. Според Претседателот на Органзацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, сето тоа ќе се разликува од компанија до компанија.

Ќе зависи и од тоа колкаво опаѓање на приходите имала компанијата; дали има средства за исплата на даноците и придонесите, бидејќи помошта е само во висина на нето платата; дали има обврски за кредити и позајмици, какви се идните очекувања итн, истакна Димитров.
Тој се надева дека и покрај задоцнувањето на мерките, платите кои ќе бидат исплатени од нив, ќе спасат голем број на работни места.
Шесттиот пакет мерки треба да ја содржи мерката за исплата на плати
Во некои сектори, како што се текстилот, кожарството, угостителството и некои други извозно ориентирани дејности, вели тој, состојбата е и понатаму критична поради локдаунот во Европа.
„Ако оваа состојба потрае, ќе биде неопходна и понатамошна помош т.е. шестти пакет на мерки. Помошта не треба да биде многу поразлична од сегашната. Работодавачите оценија дека поддршката за исплата на плати им е најпотребна, но секако дека треба да се продолжи и со останатите мерки за да се помогне на најралнивите категории граѓани, но исто така и да се стимулира домашната потрошувачка“, вели Димитров.
Според него, опоравувањето на економијата ќе зависи од надминувањето на здравствената криза. Тоа значи дека колку побрзо се засили вакцинацијата и се намали бројот на заразени, толку побрзо ќе се олабават мерките за заштита од вирусот и економијата ќе започне да живнува. Димитров нагласи дека важно е да се сфати дека тоа треба да се случи во Македонија, но и во трговските партнери. Економиите се поврзани и со тоа негативните ефекти во една економија се одразуваат и на другите економии, дополни Димитров.
Досегашната помош која компаниите ја зедоа од Владата ќе треба да ја вратат
Александра Андреева, член на Извршиот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија за Порталот Работник истакна дека премногу долго нема соодветна помош, а дополнителната поддршка што се нудеше треба да се врати. Тоа беше еден вид на кредит со одложено враќање, вели Андреева, а не помош.
Таа истакна дека мерките биле фокусирани кон тоа да се задржат работните места, за да се превенираат социјални немири, а не да се одржи економијата преку недозволувањето на компаниите да згаснат.

„И во тој сегмент од 14 месеци поддршка се доби само за 6 месеци, делумна и без континуитет. Уште полошо е што во економијата не може ни да се размислува за опоравување бидејќи таканаречената масовна вакцинација беше достапна за само под 1% од населението. Тоа значи дека ќе треба помош, но сега веќе кога состојбата е критична, новиот пакет за економски спас ќе треба да е сериозен, со вистинска помош во форма на неповратна финансиска поддршка и други нефинансиски инструменти“, вели Андреева.
„Не се потребни демагогии и празни ветувања туку конкретни мерки скроени според реалните потреби на секторите“
На компаниите не им се потребни дополнителни кредити и задолжувања, туку финансиска инекција која ќе придонесе за одржување на економската активност на компаниите и зачувување на сите работни места, потенцираше Андреева и посочи дека не се потребни демагогии и празни ветувања туку конкретни мерки скроени според реалните потреби на секторите за коишто истите во континуитет реагираат и бараат.
Интегрални одговори од Стопанската Комора на Северна Македонија:
Стопанската комора на Северна Македонија на повеќе пати јавно апелираше за важноста од навремено носење на петтиот пакет мерки во интерес на компаниите кои сериозно ја чувствуваат здравствено – економската криза предизвикана од Ковид-19 вирусот. За важноста и потребата од навремено носење на мерките апелираа поединечно и повеќе сектори при Комората.
Повеќе дејности имаат негативно влијание од кризата и потребата од поддршка е повеќе од неминовна.
Здружението на текстилната и кожарската индустрија при Комората апелираше дека поддршката преку петтиот пакет антикризни мерки е со цел зачувување на работните места и опстојување на компаниите од овие дејности во наредниот период. Евидентна е тенденцијата на намалување и откажување на налозите од странство, а со оглед на дополнителните актуелни затворања на европските држави, првенствено на Германија и во следниот период се очекува откажување или намалување на обемот на нарачките, односно нарачки на помали серии, каде според најавите и проценките на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и производството, а тоа би значело дека наредниот период би бил период на намалена економска активност. Имајќи го предвид трудоинтензивниот карактер на овие дејности каде нивното лон – производство зависи од нарачките на странските партнери и економиите на западноевропските земји, неопходно ќе биде овие дејности до нормализирање на состојбата да бидат опфатени со шестиот пакет на економски мерки, за да опстојат компаниите во овој тежок период.
Покрај субвенционирањето на плати, неопходна е и помош во друга форма. На пример: градежните компании бараат донесување на конкретни економски мерки кое произлегува од драстичното зголемување на цените на градежните материјали, особено на челикот. Компаниите укажуваат дека цените драстично растат, а во договорите за јавни набавки склучени и пред неколку години кои се уште се во тек не се предвидени клизни скали туку цените се фиксни, поради што е потребно да се определи посебен сет мерки за нив во оваа насока. Во спротивно укажуваат дека ќе дојде до „тивко изумирање“ на градежниот сектор иако се создава слика дека компаниите не се многу погодени и засегнати од пандемијата.
Секторот угостителство кој дури има и одлуки за времено затворање на своите работни активности исто така трпи сериозни загуби и намалување на вработените пред се во хотелското работење поради фактот што има речиси 100%- тен пад на прометот, но и кај туристичките агенции кои се во најголем дел без активности како и ресторанското работење кое е во функција со намален капацитет а овој месец и со мерка за целосна забрана за работа.
Во таа насока Здружението на угостителството и туризмот одржа Седница на која беше констатирано дека е нужно потребно да продолжи државната помош, поради што се предлага:
- продолжување на поддршката во плати и за следниот период, имајќи го во предвид фактот дека кризата особено во функционирање на дејноста туризам и угостителство се`уште трае со висок интензитет;
- продолжување на рокот за најмалку уште една година на туристичките ваучери кои се однесуваат на аранжманите кои поради пандемијата туристичките агенции не беа во можност да ги реализираат, а средствата на клиентите ги уплатиле кон давателите на услугата во дестинацијата за каде се однесува аранжманот.;
- Да се промовира и поддржи распишување аранжмани преку туристички агенции за ваучерите од проектот „Дома си е дома“, подржан од Владата во рамки на петтиот пакет мерки за да можат да бидат опфатени повеќе компании од ланецот на снабдување во дејноста хотелите, агенциите, водичите и превозниците, но и да се овозможи повисока искористеност и ефективност од мерката:
- правилно и целосно имплементирање на светски дефинираниот печат „safety travel stamp“, што значи не само компаниите да добијат печат дека ги почитуваат протоколите за безбедни субјекти во рамки на дестинација, туку и целосно вклучување на надлежните институции во државата како Министерството за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи преку своите електронски гласила да имаат тековно ажурирање на податоците за актуелната состојба со Ковид-19 кризата, со што ќе може да се обезбедат валидни и реални податоци за здравствената состојба во државата и видливост спрема другите држави. Таквото позиционирање и третирање на имплементацијата на „safety travel stamp“, има значење и за дојдовниот туризам но и за перцепцијата на македонските туристи на другите пазари, од аспект на тоа од каква дестинација доаѓаат и согласно тоа отворање на границите на државите за нашите туристи и работа за “outgoing” туристичките агенции. Проблемот за нас е што државата е на „црвена“ листа но не затоа што имаме заразени во поголем процент од останатите земји, туку затоа што немаме никаквата координација за информирање и видливост на реалните состојби. Бизнис секторот е уверен дека туризам ќе има, но имаме мрак од информации кој не дозволува да профункционира системот.
- Моделот на бесплатни ПЦР тестови за странски туристи да почне да функционира;
- Моделирање на правилникот за субвенционирање и согласно укажувањата на бизнис секторот ќе треба да биде проследено со дипломатска активност со цел враќање на големите тур оператори во Македонија;
- Да се ослободат од ДДВ дел од туристичките услуги на туристичките агенции кои работат дојдовен туризам за делот од програмата кој не се реализира во рамки на границите на Република Северна Македонија;
- Да се конституира Комитет за туризам како највисоко тело за туризам;
- Преку надлежното министерство за економија да се иницира приоритетна вакцинација на вработените во секторот туризам и угостителство;
Во насока на поттикнување на туристичката размена Здружението при Комората, со секторските Комори во Грција иницираше да се воспостави слободен двонасочен проток на лица во интерес на продлабочување на соработката пред се туристичката размена како значителен дел од економската размена помеѓу двете земји и можноста за продлабочување на истата.
Сите овие забелешки се доставени до ресорното министерство за економија.
Од прехранбениот сектор укажуваат дека во првите пакет мерки со кои во еден дел се подржа потрошувачката на домашни производи се почувствувале и ефектите. Иако помали мерки во обем тие беа подобри и поефикасни и им помогнаа далеку повеќе на домашните компании, пред се за зголемување на домашната потрошувачка како резултат на правилното насочување на населението кон потрошувачка на домашните производи.
Од Владата денеска најавија дека ќе има шестти пакет мерки. Според Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, утре на Влада ќе биде предложен нов пакет мерки кои ќе биде наменет за правните субјекти кои беа затворени 14 дена поради рестрективните мерки.
Бобан Илијевски

