ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Над 8,000 газди не им исплатиле плати на работниците до 24 јануари

Неисплаќањето на платите е болна точка на многу работници во државата. Впрочем, ова е и една од најчестите поплаки кои пристигнуваат од организациите за заштита на работничките права.

Порталот Работник од Управата за јавни приходи побара податоци за тоа колку работодавачи немаат исплатено плата во ноември и декември 2022 година.

Нивните податоци покажуваат дека бројките се големи.

Според одговорот којшто го добивме од Управата, за месец ноември 2022 година, до 24-01.2023 година, МПИН пресметката ја платиле 62,104 работодавачи за 542,485 работници. Заклучно истиот период (24.01) МПИН пресметка поднеле, но не ја платиле 2,840 работодавачи за 4,813 работници, додека бројката на работодавачи кои сѐ уште не поднеле МПИН пресметка изнесува 4,964, а истата не ја поднеле за 7,608 вработени.

Во декември бројката на работодавачи кои не исплатиле плата и не поднеле МПИН пресметка е уште поголема.

„За месец декември 2022 година, до 24-01-2023 година, МПИН пресметката ја платиле 55,571 работодавачи за 520,359 вработени лица, МПИН пресметката не ја платиле 8,440 работодавачи за 25,451 вработени лица, додека 5,505 работодавачи за 10,999 вработени лица сè уште не поднеле МПИН пресметка за месец декември 2022 год.“, посочија од УЈП.

За неисплатени МПИН пресметки, од Управата велат дека спроведуваат мерки за присилна наплата, согласно своите законски овластувања регулирани во Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување и Законот за даночна постапка.

„За неисплатените МПИН пресметки за ноември 2022 година, веќе се доставени опомени за плаќање на долгот по основ на МПИН согласно член 121 од Законот за даночна постапка кои УЈП ги доставува веднаш по истекот на рокот за плаќање“, рекоа од таму.

За сите оние работодавачи кај кои не се евидентирани уплати по доставените опомени, УЈП спроведува присилна наплата на парични средства со доставување на решенија за блокада во деловните банки согласно член 142 од ЗДП.

Инаку, како што споменавме на почетокот, неисплатените плати се еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат работниците, особено во приватниот сектор. Години наназад, организациите за заштита на работничките права алармираат дека потребни се мерки со кои на работодавачите, на некој начин, подобро би се регулирало исплаќање на плати.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk